Фекалии и диви депонии ги загрозуваат бунарите Нерези-Лепенец, од Водовод тврдат – водата е чиста! 

92

Бунарите од системот Нерези – Лепенец во Карпош, од кои летно време пиеме вода и кои во последниве години се користат во целост, се загадуваат во сите три зони на заштита, предупредуваат загрижени граѓани од Карпош. Посочуваат и на диви депонии во непосредна близина на заштитната ограда на првата заштитна зона на еден од бунарите. Од „Водовод“ смируваат и објаснуваат дека водата е чиста и се црпи од 60 метри длабочина, од длабоки водоносни слоеви во кои нема инфилтрација од површински загадувања

Бунарите од системот Нерези – Лепенец во Карпош од кои летно време пиеме вода и кои во последниве години се користат во целост, се загадуваат во сите три зони на заштита, предупредуваат граѓани од фејсбук-групата „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Тие алармираат дека фекалните и атмосферски испусти директно во реките Вардар и Лепенец кои се во непосредна околина на бунарскиот систем, не се отстранети и по четири години, додека коритото на Лепенец не е исчистено во ширина од 3 до 5 метри и е оставено непристапно и не може да се види дали постојат и други испусти на фекални и други непрочистени отпадни води. 

Посочуваат и на диви депонии во непосредна близина на заштитната ограда на првата заштитна зона на еден од бунарите.

– Како ова да е малку, лани летото во делот на втората заштитна зона се одвиваа недозволени активности на ископување на песок и чакал и полнење на дупките со отпад. За тоа објавија и телевизиите, а на социјални мрежи имаше фотографии и видеа. Градоначалниците на Скопје и Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев, тогаш тврдеа дека сè е во ред, но за два дена дупките каде што не смееше да се ископува песок и чакал и каде што не смееше да се полнат со отпад, се затрупаа и порамнија, глумејќи активност за изградба на парк…и толку – потенцираат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Тие додаваат дека како градоначалник на Општина Карпош на чија територија е ова заштитено подрачје, Стефан Богоев бил должен да го заштити бунарите, но не го сторил тоа. Иста должност имал и директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ кое стопанисува со бунарите, но не го сторил тоа, иако и двајцата тврделе дека е се во ред.

– За четири години, за кои можеа да ги санираат проблемите наведени во експертизата како жаришта, а кои бараат итно делување, не го сторија тоа. Од наведените депонии само една помала е санирана, а состојбата на терен е очајна – тврдат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ .

Во прилог дека состојбата на терен и сега е алармантна тие приложуваат фотографии од кои може да се види како се влеваат фекалии, но и депонии ѓубре насобрани кај бунарите.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека ги спроведуваат сите активности во однос на заштита на водоснабдителниот систем и изворите на водоснабдување.

– Бунарите Нерези-Лепенец се водоснабдителни објекти со длабочина од 60 до 70 метри кои црпат вода од длабоки водоносни слоеви во кои нема инфилтрација од површински загадувања. Геолошката структура на земјиштето е од повеќе слоеви кои функционираат како заштита од евентуални загадувања. Квалитетот на водата го контролира секојдневно Секторот за санитарна контрола кој има акредитирана лабораторија во рамките на ИСО 17025 и гарантира за квалитетот на водата за пиење и нејзината санитарно техничка исправност – образложуваат од ЈП „Водовод и канализација“. 

Тие додаваат дека долгогодишните и континуирани испитувања кои се прават секојдневно во период од 30 години не укажале на присуство и појава на токсиканти и загадувачи кои би го нарушиле постојаниот квалитет на водата.

– Бунарите Нерези-Лепенец се дел од водоснабдувањето на град Скопје, но со присуство од 20 до 30 проценти застапеност во вкупното количество на испорачана вода, бидејќи останатите 80 проценти се вода која доаѓа од изворот Рашче – нагласуваат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од Карпош нагласуваат дека повеќе децении тој потег претставувал депонија каде биле одложувани и остатоци од скопскиот земјотрес, но на иницијатива на локалната самоуправа и Град Скопје е преземена акција за негово целосно преуредување.

– Тоа подразбираше чистење на депонијата, отстранување на кабастиот отпад и шут кој таму беше затекнат. Исто така, таму често беа палени огнови на отворено, со што дополнително се придонесуваше кон поголемо аерозагадување. Сега, Град Скопје работи на изведба на големиот парк, кој ќе се протега од вештачката карпа па се до бунарите на реката Лепенец. Избрани се три идејни решенија врз основа на кои е подготвен основниот проект. Со раззеленувањето на овој јавен простор и ставање во функција на граѓаните, ќе се придонесе и кон негова трајна заштита – одговорија од Општина Карпош, додавајќи дека за одржувањето на бунарите исклучиво е задолжено ЈП „Водовод и канализација“.

(А.П.)