Легендарниот швајцарски тенисер Роже Федерер, не само што не се откажува од тенисот, туку и откри дека е подготвен за големото враќање на тенискиот терен, а со тоа и продолжување на борбата со светскиот рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Рафаел Надал, кој моментно исто како него имаат по 20. грен-слем титули.

Швајцарецот се надева дека токму на Австралија опен, во јануари наредната година повторно ќе се натпреварува со најдобрите тенисери во светот. Федерер после настапот на Вимблдон, каде што беше елиминиран во четвртфиналето замина на трет хируршки зафат на десното колено.

-Кога ќе се вратите после повреда, секој ден е подобар од претходниот. Така што, ова се возбудливи времиња. Низ ова веќе поминав минатата година, така што моментно оваа ситуација не ми претставува психолошки проблем, изјави Федерер.

Иако оваа сезона одигра само 13 натпревари и забележа девет победи, Роже е деветти тенисер на АТП листата и тоа благодарение на пандемиските правила на Асоцијацијата на професионални тенисери, кој поради ширењето на коронавирусот две години им ги чуваат бодовите на играчите кои не играат.

Роже враќањето на теренот го смета за предизвик, но е свесен дека е потребно да биде трпелив.

-Жал ми е што нема да можам да играм на Лејвер купот и тоа тешко ми паѓа. Но се надевам дека следната година ќе можам да играм на тој турнир, кој ќе се одржи во Лондон. Тоа е една од моите цели, навистина да се посветам на враќањето и да играм на места како што е лондонската О2 Арена, заврши Федерер.