Фаталниот пат во Бугарија имал мани, но не е причина за несреќата

Пожарот е главна причина за многуте загинати, но не знаат како настанал, изјави денеска министерката за регионален развој на Бугарија Виолета Комитова, по инспекцијата што беше направена на автопатот „Струма“, каде што во автобуската несреќа, на 23 ноември, животот го загубија 45 лица. Но, анализите во истрагата покажале дека е потребно поставување на светлосна сигнализација на сите места за одмор и намалување на брзината во тој дел на патот од 120 на 90 километри на час. Причина за несреќата, според сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, не можел да биде ниту дефект бидејќи автобусот пред да замине од Турција бил на сервис и сè било во ред, отфрлајќи ја и можноста некои од патниците да внеле во автобусот запаливи материи. Тој потврди дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да крене повеќе од 100 км/час, што значи дека причина за несреќата не може да биде ниту преголемата брзина.   

338

Заштитната ограда во која удри автобусот е според стандардите кои важеле при реконструкцијата во 2002 година, потребна е светлосна сигнализација на сите места за одмор и намалување на брзината во тој дел на патот. Ова се главните заклучоци од инспекцијата што беше направена на автопатот „Струма“ по автобуската несреќа, на 23 ноември, во која животот го загубија 45 лица, кои денеска ги претстави министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова.

Таа нареди инспекција на делницата меѓу Драгичево и Горна Дикања откако беа констатирани проблеми во патната инфраструктура, кои можеле да придонесат за фаталната несреќа.

Заштитната ограда во која удри автобусот е според стандардите кои важеле во 2002 година, кога се реконструирал патот, а во 2021 година има нови норми за поставување на заштитната ограда, но тие важат за новите патишта што ќе се градат од 2021 година, образложи Комитова, додавајќи дека единствената промена на патот е во сообраќајните знаци, меѓу кои е и промената на брзината, која претходно била ограничена на 90 км/час, за потоа да се зголеми на 120. Министерката и нејзините колеги, кои правеа проверка на магистралата, сметаат дека ова не е причина за несреќата, иако веднаш предложиле за намалување на брзината во тој дел на патот. По анализата, тие предложиле и поставување на светлосна сигнализација на сите места каде што има паркинзи за одмор, заградени со заштитна ограда.

Сепак, според министерката Комитова, недостатоците кај знаците и заштитната ограда не се причина за пожарот во автобусот.

„За жал, жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. По магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони, но овде имаме пожар кој според мене е прва причина за толку загинати, кој не знаеме како настанал“, кажа Комитова.

По инспекцијата на автопатот „Струма“ предложени се краткорочни и долгорочни мерки до бугарското Министерство за внатрешни работи.

„Имаме 11 институции за безбедност на патиштата. Не е ова оправдување. Ние се фокусиравме на делот кој ние можеме да го направиме, тоа е да се заврши маркирањето, да се поправи заштитната ограда и да ја намалиме брзината на патот од 120 на 90 км/час“, додаде Комитова.

Причина за несреќата според сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, не можел да биде ниту дефект бидејќи автобусот пред да замине од Турција бил на сервис и сè било во ред, изјави тој за БНТ, отфрлајќи ја и можноста некои од патниците да внеле во автобусот запаливи материи.

Хаџиу потврди дека тој и неговото семејство биле дел од екскурзијата во Истанбул, но патувале во другите автобуси. На враќање од Турција, во автобусот кој се движел прв патувал сопственикот на фирмата и неговата сопруга. На бугарско-македонската граница, на излез од Бугарија, Беким Хаџиу дознал дека неговиот автобус излетал и со такси тргнал на местото на несреќата. Кога пристигнал, со часови останал на местото на настанот.

Опожарениот автобус бил произведен во 2007 година, но бил купен од пред околу три години. Според сопственикот, досега немало технички проблем со автобусот кој три недели пред несреќата поминал на технички преглед.

Тој негира дека во автобусот имало туби со гориво бидејќи бензинот што го наполниле во Истанбул бил доволен за да стигнат до Скопје, а потоа да се вратат во Истанбул. Поради темелните проверки на бугарските граници, тој ја исклучува можноста патник да внел запалива материја.

„Во секој автобус има туби, но со вода, секој автобус мора да ги има за секој случај. Ова е резервна вода. Има строга контрола на влез во Бугарија, багаж, возач, сè што се превезува“, рече Хаџиу.

Сопственикот на „Беса транс“ кажа и дека возачите на автобусот биле многу искусни професионалци кои многупати ја поминувале оваа релација. Хаџиу објасни дека за оваа 12-часовна рута биле доволни двајца возачи. Тие строго ги почитувале часовите за одмор. Потврди дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да крене повеќе од 100 км/час.

(И.С.)