Фасадери, ѕидари, тесари, но и инженери се пакуваат за Германија, Хрватска и Црна Гора

Работниците во градежниот сектор заработуваат во просек 20.000 денари месечно и тоа со вкалкулиран минат труд, додатоци на плата и прекувремени часови. Затоа сосема разбирлива е желбата да се замине за странство и да се заработи повеќе

391

Отворањето на границите на земјите од регионот и од Европската Унија може да ги опусти градилиштата во нашата држава. Градежни работници од повеќе струки, но и градежни инженери и архитекти масовно се вакцинираат и го чекаат моментот кога ќе можат да заминат на работа во странство.

-Очекувањата се дека во текот на летото од земјата ќе заминат голем број градежни работници особено оние што го завршиле процесот со имунизација од коронавирусот. Најголемиот дел од нив ќе работат на градилиштата во Германија, Хрватска и Црна Гора. Ваквата ситуација не е нова и трае со години. Во странство се помасовно заминуваат фасадери, армирачи, ѕидари, тесари, асфалтери, општи работници, гипсери, водоинсталатери, електричари, вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и планирање – СГИП.

Главна причина за ова, како што појаснува, е тоа што работат во екстремно тешки временски услови за плата која е далеку под просечната во земјата.

-Условите за работа, за жал, во градежната индустрија се секаде тешки, но личниот доход на крајот на месецот се разликува многу и тоа е најголемата причина овие работници да заминат, додава тој.

Пешевски предупредува дека заедно со мајсторите од градежните струки торбите ги пакуваат и градежните инженери и архитектите, кои, како што вели, и покрај завршениот тежок факултет работат исто така во секакви временски услови, а во просек имаат месечни примања од околу 30.000 денари.

-Затоа и не треба да нè чуди што младите не се многу заинтересирани да се запишат во средно градежно училиште или пак да завршат градежен или архитектонски факултет. Според нас ситуацијата ќе станува уште полоша и Македонија ќе се соочи со сериозен дефицит на овие кадри. Државата мора да се запраша до каде ќе одат работите, а покрај за претставниците на власта голем ќе биде и проблемот на работодавачите од овие дејности. Градежниот сектор е главен двигател на економијата и затоа е неопходна поголема грижа за вработените во овој сектор, како од страна на државата така и од страна на работодавачите. За нас е неприфатливо работниците во градежниот сектор да заработуваат во просек 20.000 денари месечно и тоа со вкалкулиран минат труд, додатоци на плата и прекувремени часови. Затоа сосема разбирлива е желбата да се замине за странство и да се заработи повеќе за себе и за семејството, потенцира Пешевски.

Според сознанијата што ги има Синдикатот од компаниите членки, засега кај нив состојбата со обезбедување работници е стабилна.

-Но тоа се компании кои навистина почитуваат закон и колективни договори. Оние, би ги нарекол “човек – фирма”, кои не се снаоѓаат со потребни мајстори, а на големо градат и се дел од урбаната мафија се истите кои се нелојална конкуренција на компаниите кои почитуваат сè и допрва ќе се соочуваат со уште поголеми проблеми не само при обезбедување работници туку и со пријави од наша страна за прекршување на работнички права и голем процент непријавени работници. Работата на црно која го поткопува системот е наша важна цел – да помогнеме да се надмине овој проблем во државата како единствен репрезентативен синдикат на работниците од градежништвото и индустријата, посочува Пешевски.

Покрај со исклучително ниската плата, градежните работници во нашата држава се соочуваат со уште еден проблем. И покрај тоа што работат во извонредно тешки услови најголемиот дел од нив немаат бенефициран стаж. Иницијатива на гранскиот синдикат за измена на правилникот за бенефициран стаж со вметнување на повеќе градежни струки е стара цели осум години, но од неа сè уште нема ништо. Пешевски информира дека таа била прифатена од претходната влада, но не се реализирала, а истото се случува и со новата власт.

-Актуелната власт покажа желба да го реализира, но исто така до денес не е реализирано. Накратко ќе потсетам дека станува збор за 26 работни места кои со сите потребни анализи треба да добијат бенефициран стаж, но нема сè уште политичка волја тоа да се реализира. Од наша страна севкупната анализа е предадена и аргументирана со докази дека овие високоризични работни места отсекогаш требале да спаѓаат во Правилникот за бенефициран стаж. Секако дека ќе продолжиме со ова барање сè до негово законско решение, бидејќи е повеќе од потребно за нашите градежни работници, појаснува Пешевски.

Тој додава дека за нив е тотално нејасно, но и болно тоа што ова прашање во некоја мера кажува колку на работодавачите и власта им се битни работниците кои својот живот го оставиле на работните места, а не можат достоинствено да заминат во пензија и да осетатблагодет за тоа што го сработиле низ животот, а со сработеното ја изградиле и самата држава.

(С.В.)