Постојат многу мислења за тоа како да се третира ковид-19, – од употреба на хидрохлорид, преку употреба на лекот ивермектин, до витамин Д.

Сите опции се истражуваат во вообичаениот научен процес, но експертите предупредуваат дека предвремените заклучоци можат да создадат конфузија и да доведат до ширење на теории на заговор, пишува BBC.

Сепак, постојат докази дека витаминот Д може да биде корисен во превенција од коронавирусот.

Овој витамин е важен дел од човечкиот имунолошки систем, затоа оваа зима имаше препораки во Обединетото Кралство сите да го земаат како додаток во исхраната за време на постудениот период, додека на оние со поголем ризик од заболување им се препорачува да го земаат витаминот Д  во текот на целата година.

И во научната заедница, и во јавноста многу се зборуваше за лековитите својства на витаминот Д и колкаво е неговото дејство.

Досегашните студии не дадоа доволно јасни објаснувања дали земањето поголеми дози на витамин Д може да спречи или дури и да ја излечи болеста.

Бројни студии покажаа дека витаминот Д може да има позитивни ефекти во спречување на вирусот, но и кај веќе заболени пациенти.

Но, критичарите сметаат дека другите фактори не биле земени во предвид, па доказите не се доволно јасни. Тие веруваат дека треба да се спроведат подетални клинички истражувања.

Како и за многу други суплементи, нови истражувања секогаш се добредојдени.

Првите студии навистина покажуваат дека одредени групи на луѓе кои имале недостаток на витамин Д во организмот биле поподложни на вирусот, особено постарите и луѓето со прекумерна дебелина, како и црнците и Азијците. Можно е, пишува BBC, тоа да е причината зошто овие групи се повеќе изложени на ризик од коронавирус, но подложноста на заразување зависи и од низа други здравствени и еколошки фактори.

Според истражувањето на Универзитетот во Барселона, земањето витамин Д за 80 проценти ја намалило стапката на хоспитализација во единиците за интензивна нега, а веројатноста за смртен исход била намалена за 60 проценти.

Анестезиологот Аурора Балуја ја прегледала студијата од Барселона и вели дека не верува во „екстремните“ ефекти наведени во документот, бидејќи тие никогаш не биле докажани.

Таа порача дека недостаток на витамин Д е познат ризик за здравјето на луѓето, особено кај луѓето кои се на интензивно лечење. Сепак, таа открива дека суплементите на тој витамин никогаш не биле во можност да ја намалат смртноста на ваквите пациенти.

Се поставува и прашањето дали теоријата за витаминот Д може да го зголеми бројот на „анти-ваксери“ или противници на вакцинацијата.

„Кога ќе се открие нешто што им одговара на луѓето, на пример – нешто природно што нема да ви штети, луѓето ќе почнат да ги шират тие информации“, вели социјалниот психолог професорот Сандер ван дер Линден. Тој предупредува дека веб-страниците што промовираат народна и алтернативна медицина, заедно со оние кои се против вакцините, можат да имаат поразителен ефект.