Од Управата за јавни приходи ги потсетуваат даночните обврзници – физички лица дека рокот за потврда или корекција на Годишната даночна пријава за 2022 година истекува на 31.05.2023 година (среда). Заклучно со овој датум граѓаните треба да извршат потврда или корекција на Годишната даночна пријава (ГДП) за доходот кој го оствариле во текот на 2022 година.
Потврдата или корекцијата на ГДП се врши електронски на системот е-Персонален данок, каде сите регистрирани корисници на своите кориснички профили може да го менуваат статусот на пријавата, односно да ја потврдат или да ја коригираат. По истекот на законскиот рок, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на ГДП– потврдена или коригирана.
На 01.06.2023 година службено ќе бидат потврдени Годишните даночни пријави коишто од страна на граѓаните не се ниту потврдени ниту коригирани.
Годишната даночна пријава која што граѓаните ја коригирале, а добиле статус на конечна даночна пријава ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри коригираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данок на личен доход за 2022 година. Кај граѓаните кај кои се појавува обврска за доплата ќе се генерира налог за доплата, кој се наоѓа во самата даночна пријава (во прозорче печати).
– Воедно, апелираме до граѓаните кои оствариле приходи, а сеуште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, истото да го сторат во најкраток можен рок имајќи ги предвид бројните придобивки на користењето на системот, се вели во соопштението.