Уште 5.000 млади ќе добијат домашна платежна картичка, проверките на приговорите продолжуваат

1211

 

Уште околу 5.000 млади лица, средношколци и студенти, ќе добијат домашна платежна картичка со 3.000 денари. Министерката за финансии Нина Ангеловска објави дека толку приговори се прифатени за домашната платежна картичка од категоријата млади лица – средношколци и студенти од 16 до 29 години. Разгледувањето на нивните приговори е меѓу последните, а податоците се собираат од Министерството за образование и од универзитетите.

Министерката преку „Фејсбук“ најави дека уште во текот на вчерашниот ден лицата со уважени приговори би требало да бидат додадени на листата објавена на kupuvamdomasno.gov.mk и нивните платежни картички ќе почнат да се печатат.

Но, таа информира и дека постапката на проверка на приговорите од оваа категорија корисници на домашната картичка не е до крај завршена.

-Проверка на сите поднесени приговори од оваа категорија граѓани ја врши Министерството за образование и наука, а во текот на следните неколку денови очекуваме да ја финализираат проверката за евентуално дополнителни прифатени приговори, наведува министерката.

Како што додава, заедно со претходно усвоените приговори, досега се прифатени вкупно 7.000 приговори. Како што беше претходно информирано, за картичката до Генералниот секретаријат на Владата дошле вкупно 30.500 проговори, но повеќето од половината од нив не биле од лица кои не ја добиле туку биле  прашања поврзани со неа.

-До крајот на неделата треба да се завршат сите проверки на сите приговори, вклучително и проверките од УЈП, МТСП, АВРМ и ФЗОМ, со што ќе се затворат сите поднесени приговори и ќе информираме за вкупната конечна бројка на прифатени приговори. Сите кои ги исполнуваат условите ќе добијат домашна платежна картичка, појаснува Ангеловска.

Сите картички треба да се поделат до крајот на неделава, односно до 18 овој месец, а можат да се користат до 15 август.

Инаку, до крајот на минатата недела беа поделени 187.000 домашни платежни картички од вкупно предвидените 350 илјади, а дистрибуцијата е во тек. Досега со поделените картички се направени над 660.000 трансакции и потрошени се 10,7 милиони евра. Според информациите од банките со нив најмногу се купува во маркетите.