Училиштата во Гази Баба се санираат

97

Пред почетокот на новата учебна година општина Гази Баба ги привршува градежните активности во училиштата.

– Реновирани се и сите санитарни јазли, а во тек е целосно молерисување на училниците, холот, спортската сала и административните канцеларии во основните училишта „Дане Крапчев“ и „Наум Наумовски Борче“. Со овој проект вршиме дезинфицирање на училишните простории за безбеден почеток на учебната година – информира градоначалникот, Борис Георгиевски.

Тој изјави дека забрзано ги довршуваат подготовките, а родителите можат да бидат спокојни бидејќи училиштата се целосно подготвени за било кој модел на настава.

– Дали со физичко присуство, онлајн настава или пак комбиниран систем. Минатата учебна година токму нашето основно училиште „Дане Крапчев“ беше првото училиште во Македонија кое подготви платформа за онлајн настава по сите наставни предмети од прво до деветто одделение – вели градоначалникот Георгиевски.

По задолжение на Кризниот штаб секое основно училиште од општина ГазиБаба има обврска да подготви свој Протокол за одржување на наставата.

– На првите средби во ООУ „Дане Крапчев“ и ООУ „Наум Наумовски Борче“, со директорите ги разговаравме нивните предлози. Потоа училиштата имаат обврска во целост со деталите од Протоколот да ги запознаат родителите – информира Георгиевски.