Учебната година се одлага, онлајн настава само во краен случај!?

Продолжуваат консултациите меѓу Министерството за образование и Комисијата за заразни болести, соопшти министерот за образование Арбер Адеми. Тој не ја исклучи можноста и за одложување на учебната година. Адеми информира дека се разгледуваат три модели: физичко присуство, онлајн настава и комбиниран модел

118

Петнаесетина дена до почетокот на учебната година, сè уште нема конечна одлука за тоа како ќе се организира наставата. Продолжуваат консултациите меѓу Министерството за образование и Комисијата за заразни болести, соопшти министерот за образование Арбер Адеми. Тој не ја исклучи можноста и за одложување на учебната година. Адеми информира дека се разгледуваат три модели: физичко присуство, онлајн настава и комбиниран модел.

Во МОН преовладува ставот за физичко присуство на учениците, но сè зависи од епидемиолошката состојба.

– Нашиот став е јасен, но пред сè е важно здравјето на децата, истакна Адеми.

Тој рече дека е можно физичко присуство на учениците само во оние места во кои тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

-Само кога нема друга опција и ако би биле принудени, би се определиле за онлајн настава. Јасен е нашиот став – нема замена на настава со со физичко присуство, но да водиме сметка треба и за децата, а тоа е  предвидено со конкретни  мерки,  услови и упатства како да се обезбеди настава со физичко  присуство. Децата би седеле на најмалку 1,5 метри растојание, а групите да бидат помали од 20 ученици. Но продолжуваат консултации за најсоодветно решение за нашите деца. И јас имам огромни дилеми, а ова е една од најтешките одлуки за една влада и за еден министер – изјави Адеми.

Тој најави дека е можно и одложување на почетокот на учебната година.

– За  каков било модел да се решиме, треба измени во законите за основно и за средно образование, па затоа  укажуваме и на можно пролонгирање на учебната година, зависно од законските акти. Мора да сме флексибилни за да се приспособиме на еден или друг модел, зависно од епидемиолошката состојба. Барам разбирање од сите родители и наставници. Да ги имаме во вид сите ризици со кои би се соочиле. Што ако протоколите не се почитуваат, ако има неодговорен однос и ковид-19 да се шири и училиштата да бидат жаришта?  – рече Адеми и додаде дека „најдобро би било училиштата да не се отворат, но тоа оди на штета на квалитетот“.

Комисијата за заразни болести побарала од Министерството за образование да достави податоци за сите училишта во сите општини во државава и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство. Како што соопшти Министерството за здравство на состанокот, била разгледана и информацијата за воведување на PCR-тестови за граѓаните од ризичните земји кои транзитираат низ нашата земја. Засега Комисијата продолжува будно да ја следи ситуацијата и доколку се утврди дека има потреба, не се исклучени дополнителни мерки. Со постојните мерки, граѓаните кои транзитираат низ земјава потпишуваат изјава дека за три часа ќе ја напуштат земјата и не претставуваат опасност за ширење на коронавирусот во нашата земја, се додава во соопштението од Министерството за здравство.

Претходно Адеми истакна дека станува збор за тешки одлуки и дека немало и нема амбиција со онлајн-учење да се замени традиционалниот начин на спроведување на образовниот процес, бидејќи такво нешто е недостижно.

Министерот Венко Филипче вчера изјави дека став на Комисијата за заразни болести е учебната 2020/2021 да почне онлајн, освен за учениците од првите одделенија затоа што е неизвесно со што ќе се соочиме наесен со заразата од ковид-19 и дека, како што рече, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија.