Bocca della Verità, или Уста на вистината е мермерен релјеф од четвртиот век п.н.е, кој се наоѓа во ѕидот на римската црква Санта Марија и изгледа како нечие лице, со шупливи отвори на местото каде што би се наоѓале очите и устата.

Стана многу позната како едно од римските чуда, кои можат да ја претскажат судбината и да ја откријат лагата. Древниот каменорез во Рим ги откривал лажговците долго пред денешните детектори за лаги и се верува дека им ги одгризувал рацете на оние кои лажат.

За тоа како и зошто е направен, има неколку теории. Се смета дека оригинално служел како церемонијален капак за бунар, или можеби како декорација за фонтана, или можеби капак за некоја тогашна верзија на шахта. За самото лице се смета дека претставува пагански бог, но не се знае точно кој бог. Некои сметаат дека се работи за богот на шумата Фаунус, други за морскиот бог Океанус, па до непознат локален бог на реката.

Сепак, едно е сигурно – легендата за Устата на вистината вели дека „ако некој ја стави раката во устата на дискот и каже лага, устата на вистината ќе ја одгризе раката на лажливецот“.

Во средниот век, наводно камениот диск се користел во судските спорови. Обвинетиот ја ставал раката во отворот на устата, и ако се покажело дека лаже, скриениот џелат зад каменот му ја отсекувал раката со секира. Автентичноста на таквата приказна е во најмала рака сомнителна, но верувањето се пренесува.