Уставни измени – нишајте го бродот за да мислиме дека се движи!

Иако се тврдеше дека уставните измени треба да бидат донесени до крајот на ноември, по одлагањето што го најавија премиерот Димитар Ковачевски и собранискиот спикер Талат Џафери, најдолг рок за промена на македонскиот Устав даде министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави дека реалниот рок за уставните измени е крајот на мандатот на овој Парламент, до кога власта ќе бара поддршка кај пратениците. Политикологот Синиша Пекевски во изјава за весникот ВЕЧЕР, смета дека владините функционери само ја замајуваат јавноста и странските партнери, купуваат време, затоа што немаат обезбедено пратеници за усвојување на уставните измени. -Имаше една реченица од еден политичар кој велеше: „Нишајте го бродот за да мислиме дека се движи“, вели Пекевски

108

Власта тактизира со процедурите и го поместува рокот за уставните измени. Иако се тврдеше дека тие треба да бидат донесени до крајот на ноември, кога завршува скрининг процесот, одлагањето најпрво го најави собранискиот спикер Талат Џафери, минатиот месец на брифинг со новинарите, кога рече дека има можност изјаснувањето за отворање на највисокиот правен акт да се одлага сè додека не се обезбедат потребните 80 пратеници. Потоа и премиерот Димитар Ковачевски изјави дека кога земјава ќе го заврши процесот на скрининг, тогаш Европската Унија ќе чека да ги завршиме уставните измени. Најдолг рок за промена на македонскиот Устав даде министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во интервју за Сител, изјави дека реалниот рок за уставните измени е крајот на мандатот на овој Парламент, до кога власта ќе бара поддршка кај пратениците.

-Јас сум оптимист дека ќе биде. Се разбира првична цел ни е до ноември, бидејќи тогаш има еден административен календар заради скринингот, меѓутоа реалниот рок е последниот ден односно мандатот на овој Парламент, значи до наредните избори. И до последниот ден ние ќе работиме да обезбедиме поддршка, сметајќи дека нема аргументи против. Мислам дека оваа прва битка ние ја добивме. Како предлагачи ја добивме затоа што не видовме отпор од експертската јавност, од која било јавност во однос на содржината на уставните измени. Да излезе некој и да каже чекајте ова е опасно поради тоа што икс, ипсилон работи ќе се случат…, рече Османи во интервјуто.

Османи не гледа аргументи против уставните измени и ја обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека калкулира пред наредните избори. Во однос на тоа дали потребата за носење на уставните измени ќе биде донесена на седницата што ќе започне на 18 август, Османи вели дека сега сè е во рацете на претседателот на Парламентот.

-Сепак сè е во рацете на спикерот и тој ќе одлучи врз основа на Деловникот и координациите што ги прави со пратеничките групи. Врз основа на тоа што тој го кажа е дека откако ќе се исцрпи расправата ќе почека за гласање со цел да се разговара со политичките партии, изјави шефот на македонската дипломатија.

Аналитичарот Синиша Пекевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, смета дека владините функционери само ја замајуваат јавноста и странските партнери, купуваат време, затоа што немаат обезбедено пратеници за усвојување на уставните измени. Тој е убеден дека уставни измени нема да има.

Синиша Пекевски
Фото: Фејсбук

-Брутално е колку лажат владините министри и колку ја доведуваат во заблуда јавноста, еднаш велат во јули гласање за уставните измени, еднаш во август, па во ноември, засега Османи да најавува за следното лето. Тоа покажува дека ја замајуваат јавноста и воопшто немаат обезбедено пратеници за усвојување на уставните измени. Имаше една реченица од еден политичар кој велеше: „Нишајте го бродот за да мислиме дека се движи“. Така тие купуваат време, ја доведуваат во заблуда и македонската јавност, но ги лажат и странските партнери дека ќе се промени Уставот. Уставни измени нема да има, тоа на сите им е јасно, и не ја сфаќам логиката во која даваат различни изјави и сметаат дека јавноста или опозицијата ќе попушти. Ако ВМРО-ДПМНЕ попушти за уставните измени, тоа значи дека можат да си стават клуч на врата. Тоа нема да се случи, вели аналитичарот Синиша Пекевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР.

На брифингот со новинарите на крајот на јули, собранискиот спикер Талат Џафери рече дека расправата за уставните измени ќе започне на 18 август, а по исцрпувањето на истата, седницата веројатно ќе биде на стенд бај. Според Џафери, ова не било ништо ново, и претходно имало таква пракса за други закони.

 -Тоа го предвидува Деловникот, а го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки, не можам да претпоставам што и како ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата, рече Џафери.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, излезе со став дека процесот е многу јасен и дека кога земјава ќе го заврши процесот на скрининг, тогаш Европската Унија ќе чека да ги завршиме уставните измени, иако претходно се тврдеше дека тие треба да бидат донесени до крајот на ноември, кога завршува скрининг процесот.

Во последното телевизиско интервју, министерот Османи изјави дека со видеото во кое ја опишува преговарачката рамка барал начин како да излезе од пропагандниот чадор под којшто се влезени граѓаните. Пропагандата против уставните измени, според него, е пуштена на најјако, без аргументи и без никаква суштинска дебата. Османи вели дека граѓаните се злоупотребуваат на емоции со цел политичките партии да профитираат, што не е чесно.

-Јас се обидувам да излезам од таа врева, од таа галама на пропаганда којашто е создадена да стигнам до граѓаните да им кажам дека не е точно ова што се зборува. Ние зборуваме за најважната тема во којшто излегувам и ги демантирам, ги рушам сите нивни столбови на нивниот наратив и не излегуваат да ме демантираат. А во однос на содржината ова беше уште еден пример како јас бев навреден, бев нападнат за сите можни причини, но ништо за содржината, ниту еден не излезе да каже не е така. Ниту еден не излезе да цитира една реченица од преговарачката рамка за да ме демантира, рече Османи.

Османи појаснува дека за членот пет нема да има писмен извештај, односно нема да има гласање во ЕУ и дека Софија според преговарачката рамка нема право да ревидира до каде е имплементацијата на Договорот со Бугарија и до каде е историската комисија, иако вели источниот сосед може да најде алиби да го кочи процесот и да се повика на друго нешто. Османи предупреди дека доколку не се изгласаат уставните измени ризикуваме вистинска билатерализација на ЕУ процесот за интеграција. Тој вели дека во случај да нема уставни измени влегуваме во група на земји кои имаат нерешени проблеми и истите мора да ги решат уште пред да започнат воопшто да преговараат со ЕУ и од нашата одлука ќе зависи дали ќе влеземе во групата која што ќе да добие препорака за забрзано членство, заедно со Албанија и Црна Гора или ќе биде во групата земји што имаат отворени прашања кои морат да ги решат, во друштво на Босна и Херцеговина, Србија и Косово. (В.С.Н.)