Уставните измени ќе се запечатат до Нова година?

48

По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието предлагачот на уставните измени, односно Владата, треба да организира јавна расправа од три дена, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието.
Јавна расправа по завршувањето на гласањето во Собранието за уставните нацрт-амандмани, покрај во Скопје, да има и во други градови низ Македонија, беше договорено на седницата на подгрупата за интеграции на интерпартиското тело за помирување

Пратениците не ја искористија деловничката можност за секој амандман да дебатираат по 3 дена и за нацрт уставните амандмани собраниската расправа да трае 12 дена. Маратонската седница која почна во саботата, продолжи во неделата и заклучно со вчера за три дена финишираше расправата за сите четири нацрт-амандмани. Попладнето, народните избраници дадоа амин и за третиот нацрт-амандман, по што следеше дебата за четвртиот, последен амандаман, со што, според најавите, беше предвидено да заврши до вечерва.

Пратениците од власта и од опозицијата во текот на дебатата останаа на своите позиции за и против промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. За опозицијата власта нема мандат за усвојување на уставните измени, за кои нема ниту консензус, а со него добива само Грција. За владејачкото мнозинство со договорот добива Македонија, се зацврстува државноста и националниот идентитет и се отвора патот за членство во ЕУ и НАТО. Осумтемина пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ кои формираа посебна пратеничка група гласаа воздржано со трите уставни нацрт-амандмани, а најавија поддршка за четвртиот амандман.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во дискусијата за нацрт-амандманите побараа Владата да се заложи за реципроцитет, односно и Грција да направи промена на Уставот.
Тие потенцираа дека Македонија нема територијални претензии спрема ниту една држава и затоа е непотребно тоа да се потенцира да се става дополнително во Уставот.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој амандман не менува ништо, а суштината на промената е во промената на името. Смета дека и од Грција треба да се побара да ја вметне истата оваа одредба за да покаже вистинско пријателство.
Заменик-министерот за надворешни Андреј Жерновски реплицираше дека станува збор за амандман со кој двете земји меѓусебно заемно гарантираат неповредливост на границите.

По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието предлагачот на уставните измени, односно Владата, треба да организира јавна расправа од три дена, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието.

Јавна расправа по завршувањето на гласањето во Собранието за уставните нацрт-амандмани, покрај во Скопје, да има и во други градови низ Македонија, беше договорено на седницата на подгрупата за интеграции на интерпартиското тело за помирување.

„Се договоривме, покрај во Скопје, МАНУ и другите институции кои се наоѓаат во главниот град, јавни расправи за нацрт-амандманите да се одржат и во други градови, онаму каде што има универзитетски центри, како Битола, Штип, Тетово, но можеби и во други градови. Нам пратениците ни е битна јавната расправа за да се види како ќе се одвиваат понатамошните активности“, изјави пратеникот Јован Митревски од СДСМ, кој раководи со подгрупата за интеграции.
По јавната расправа, претседателот на Собранието Талат Џафери е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со ова се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија” да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија”, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.
Со вториот се интервенира во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ” се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор.
Третиот амандман наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, а оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На 19 октомври Собранието со поддршка од 80 гласови и 39 против, ја започна постапката за пристапување кон уставни измени. Двотретинското мнозинство беше обезбедено со осумте гласови на пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив се обвинети во случаите на СЈО и за настаните од 27 април.