Успешно ќе биде завршен процесот со „фингерпринт“ терминалите, смета Заев

9

Премиерот Зоран Заев верува дека успешно и навреме ќе биде завршен целиот процес околу „фингерпринт“ терминалите кои ќе се користат за претстојните локални избори.

Јавната набавка, вели, ги запазува сите законски процедури, а постапката е транспарентна.

Заев ги охрабрува институциите будно да го следат целиот процес за да биде успешен и навреме завршен, но истовремено апелира, сите инволвирани да бидат максимално одговорни.

-Владата ги обезбеди парите и преку државните институции може да ги добие деталите за јавната набавка. Постапката ја спроведува независна институција, предводена од претседателот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ во соработка со сите членови. Проектот се тера заеднички и сите одговорно го следиме. Тоа што го знам од чекорите за јавна набавка е дека процесот е транспарентен. Во текот на постапката  има одредени корекции заради прашања доставени од сите оператори. Тие се прифатени и изменаџирани. Постапката помина во фаза на управна контрола преку Бирото за јавни набавки и таа е одобрена, помина фаза на жалба преку Второстепената комисија и таа е одбиена, односно ги запазува сите процедури согласно законите за јавни набавки и она што е најнеопходно, целосно според критериумите на тендерската постапка, информира Заев.

Според него, не постои никаква причина за сомнеж дека процесот нема успешно да се спроведе.

-За сите нас е исклучително важно овој проект кој првпат се спроведува во земјава, да биде успешно реализиран. Стигнаа првите опреми, се прави тест периодот соодветно и верувам дека навреме ќе се спроведе целиот процес. Ја знаеме технологијата на собирање на податоците, верувам дека ќе завршиме успешно, рече премиерот Заев, одговорајќи на новинарски прашања по увидот во пречистителната станица во Штип.