Услугата „Помош и нега на стари лица во домашни услови“ се проширува и во Кисела Вода

38

До крајот на овој месец, Црвениот крст на Град Скопје ќе ја прошири услугата „Помош и нега на стари лица во домашни услови“ и на територијата на општина Кисела Вода. Како што велат од Црвениот крст, се очекува во добивањето на оваа услуга да бидат вклучени  30 до 40 лица кои треба да бидат на возраст над 65 години.

Тие ќе добиваат помош во одржување на домаќинството, за одржување на облека и обувки, помош во готвење, помош при купување на продукти, помош заради надворешна мобилност, односно помош при движење надвор од домот, помош при земање медицинска терапија, односно помош и мониторинг во земање лекови, контрола на крвен притисок, ниво на шеќер во крвта, помош при користење на телефон и други уреди (радио, телевизор, компјутер), помош при управување со буџет (плаќање сметки, одење во банка), помош во одржување лична хигиена, помош при облекување, помош при користење тоалет, помош при хранење.  

При тоа, ќе бидат ангажирани 20 негуватели на терен кои претходно имаат поминато обука и за тоа имаат добиено сертификат.

Граѓаните кои се заинтересирани за ваков вид на услуга од 15 февруари треба да ја посетат отворената канцеларија на Црвениот крст која се наоѓа во просториите на Општина Кисела Вода.

Инаку, оваа услуга на Црвениот крст за сега успешно се спроведува на територијата на Општина Карпош веќе втора година. Во оваа општина, услугата ја имаат остварено  над 70 лица.

(А.П.)