Пред неколку месеци, британскиот боксер Тајсон Фјури, на мечот за неприкосновен шампион во тешка категорија, загуби од Украинецот Александар Усик, со поделена одлука. Тој тешко го прифати првиот пораз во кариерата и често велеше по борбата дека Усик ја има судиската наклонетост поради руската агресија врз Украина.
Тој продолжи да го нарекува Усик аматер и дека не направил доволно за да победи. Сè уште верува дека бил подобар во рингот, без разлика што беше соборен во деветтата рунда.
Набргу по дуелот, беше договорен нивниот реванш за 21 декември, во Саудиска Арабија, кога нема да бидат на маса сите шампионски појаси. Имено, Усик веќе го нема шампионскиот појас во ИБФ, бидејќи, неодамна, тој му припадна на Даниел Дубоа, кој го нокаутираше Ентони Џошуа во петтата рунда.
На Фјури му претстои интересен период во кариерата, бидејќи со победата против Усик би обезбеди меч против Дубоа за апсолутен шампион и доколку загуби, тогаш е многу веројатно дека ќе има мегапресметка со Ентони Џошуа.
Но, Фјури верува во победа, дека може да го победи Усик и да му врати за поразот во мај. Ако ја врати рамнотежата, тогаш има добри шанси да го спроведе својот план.
– Сè уште мислам дека не ме победи минатиот пат, а сигурен сум дека нема да му дозволам да го повтори тоа. Морам да го нокаутирам. Тренирам за да му дадам добар нокаут. Ќе заврши како Вајлдер во втората борба. И тогаш реков дека ќе го нокаутирам, и го направив тоа. Овој пат ќе го нокаутирам Усик, и сакам. Судиите му ја дадоа победата и сега морам да ја исправам таа грешка. Ќе го вратам она што ми припаѓа. Ништо веќе не ме загрижува, ја поминав таа граница. Веројатно, ме разбуди и ми ја врати агресијата, така што сакам да здробам некого! – истакна Тајсон Фјури.