Улицата „20“ во Берово отсега ќе го носи името Жан Кофол

1462

Советот на Општина Берово едногласно ја усвои иницијативата за преименување на улицата „20″ која отсега ќе го носи името Жан Кофол, еден од најистакнатите пожарникари кои учествуваа во справувањето со огнената стихија во Малешевијата.

-Младиот пожарникар беше дел од групата пожарникари од Словенија кои помогнаа во сузбивањето на огнената стихија во Берово и Пехчево. Општината во негова чест отпочна постапка за преименување на улицата „20″ во улица „Жан Кофол” што на денешната седница на Советот наиде на едногласна поддршка од советниците, рече градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
По ова, како што додаде Пекевски, улицата „Жан Кофол”, која се наоѓа во населбата Ширината, е влезена во Програмата за изградба на улици и патишта, а потоа за кратко време ќе започне постапка за нејзина реконструкција.
Кофол беше еден од најмладите доброволци кои со денови учествуваа во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево. Животот го загуби во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица,  на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден.