Уништени клупи и детските реквизити во паркот и училишниот двор

63

Клупите кои неодамна беа поставени во новооформеното паркче на влезот во кочанското село Тркање се уништени. Жителите во неговата непосредна околина реагираат на вандалското однесување на нивните сограѓани, не гледајќи оправдување за направената штета.

Само неколку метри подолу, во училишниот двор на подрачното училиште „Никола Карев“ во Тркање, целосно се оштетени детските реквизити и клупите. Потпирачите на клупите ги нема, а некаде се пресечени и железните основи. И покрај тоа што тие се наменети за најмладите жители кои овде учат и го посетуваат Центарот за ран детски развој, и овде победила несовеста.

Општинските служби констатираат дека уништувањето на урбаната опрема е перманентно. На мета се канти за отпад, клупи, зеленило, се кршат фиданки и покрај тоа што се заштитени со метална конструкција. Деновиве, на улицата „14 Бригада“ во Кочани, од потпорен ѕид целосно е пресечена заштитна ограда. Направен е увид и на интервенција е повикана и полицијата.

– Штетата што се прави на јавно-прометните површини е во количини што не се за потценување, затоа апелираме до сите граѓани да не ја уништуваат урбаната опрема и садниците. Ние сме подготвени да ги активираме сите релевантни фактори – комуналните редари од КЈП „Водовод“ и од Локалната самоуправа, Полициската станица, за да се преземат казнени мерки – апелира градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.