УНЕСКО донесе одлука за враќање на скулптурите на Партенон во Грција

346

Меѓувладин комитет на УНЕСКО за промовирање на враќање на културните добра во земјите на потекло, донесе Одлука во врска со прашањето за враќање на скулптури на Партенон во Грција, соопшти Амбасадата на Грција во Скопје.

Од Амбасадата нагласуваат дека одлуката ги признава историските, културните, правните и моралните димензии на обединувањето на Скулптурите на Партенон и според нив, овој развој на настаните е важен бидејќи ја подвлекува меѓувладината природа на ова прашање и врши притисок врз британската влада да се вклучи во ова, со оглед на тоа што до сега враќањето на скулптурите на Партенон од британската страна се сметало за спор што припаѓа само во рамките на ексклузивната јурисдикција на Британскиот музеј.

Прашањето за враќање на скулптурите на Партенон се дискутира во Комитетот од 1984 година, кога за првпат било поставено од тогашната министерка за култура, Мелина Меркури, но без конкретен резултат поради континуираните одбивања на Обединетото Кралство да почнат дијалог со Грција.