Унапредување на соработката во земјоделството со Бугарија, потпишан уште еден Меморандум

28

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за земјоделство на Република Бугарија Иван Иванов денеска потпишаа Меморандум за соработка во областа на земјоделството, земјоделските науки, руралните области и шумарството.

Потпишувањето беше во рамки на заедничката седница на владите од двете земји што се одржа во Софија.

Министерот Николовски посочи дека овој значаен билатерален Договор е голем чекор за зацврстување и унапредување на билатералната и трговската соработка.

Верувам дека во периодот што следи ќе испорачаме резултати. Ние денеска потпишавме Меморандум за соработка и со министерот за земјоделство на Бугарија Иван Иванов, разговаравме за значењето на земјоделскиот сектор, за двете држави да ја зголемат соработката и заеднички да испорачаме резултати. Ние сме лидер во регионот по искористеност на ИПАРД програмите, а искуството на Бугарија како земја членка на ЕУ ќе ни биде од големо значење во имплементацијата на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ. Унапредувањето на шумарството и ловството ќе биде еден од приоритетите во следниот период за работа, рече Николовски.

Според него, веднаш ќе почнат подготовките за формирање на работните групи од двете министерства во сите области од Меморандумот и на почеток на следниот месец ќе да се одржи првиот состанок на групите.

Како што наведува Министерството за земјоделство, Меморандумот отвора можност за блиска соработка меѓу надлежните институции од Македонија и од Бугарија во повеќе области. Работните меѓуресорски групи што ќе се формираат за краток период ќе работат на развивање на соработката во доменот на: имплементација на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ, земјоделските науки, шумарство и ловство, органско производство и преработка на органски земјоделски производи, биотехнологии во поледелството и во сточарството, селекција и репродукција во сточарството, како и транснационална соработка во руралната област и други области од заеднички интерес.

Освен техничка и административна соработка, двете министерства ќе разменуваат научни и технички информации и експертски искуства во доменот на земјоделството, ќе организираат семинари и обуки, ќе работат на имплементација на заеднички истражувачки програми во земјоделството и земјоделските науки.

Во текот на денешниот ден, во рамки на меѓувладината седница, министерот Николовски заедно со колегите министри од Република Бугарија, учествуваше на првиот состанок со работната група за економија, енергетика, финансии, иновации и развојот, инвестиции и земјоделство, на којшто се поставија основите за работа во областите и се утврдија роковите за исполнување на приоритетите.