Уметничка акција посветена на климатските промени

20

Центарот за современи уметности Скопје создаде уметничка акција во главниот град посветена на климатските промени наречена „Климатски баланс“.

Целта на акцијата е да се подигне јавната свест во земјата за поодржливо користење на природните ресурси, во прв ред шумите и водата, кои се сериозно загрозени.

„Kлиматските промени се почесто ги чуствуваме на сопствената кожа. Веќе не е прашање дали ќе се случат, туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја и каква ќе биде состојбата во Македонија. Идејата на оваа акција наречена Климатски баланс е да се потсетат граѓаните, властите и да се подигне јавната свест во Македонија за што е можно поодржливо користење на природните ресурси во прв ред шумите и водата кои за жал се сериозно загрозени (илегална и прекумерна сеча, мали проточни хидроцентрали кои го уништуваат биодиверзитетот)“, наведуваат организаторите.

Акцијата „Климатски баланс“, како што појаснуваат организаторите, преку сантата мраз која на скопските горештини интензивно се топи, едновремено го претставува и топењето на глечерите и половите и кризата на Северниот пол, кој е сериозно загрозен и се претпоставува дека во наредните децении може да се случи негово целосно топење.

„На другата страна на клацкалката е планетата Земја која засега е високо над огнот, но како се топи мразот клацкалката се спушта кон огнот и го најавува пеколниот период кој ни претстои ако не превземеме големи и брзи чекори за намалување на глобалното затоплување кое несомнено ќе не погоди сите и никој нема да биде поштеден“, посочуваат од Центарот за современи уметности.