Уметницата Сузана Ардо за климатските промени од женска перспектива: „Силување на природата“ е револт и изложба која опоменува

184

„Проблемите на телото на планетата ги споредивме со проблемите на женското тело. Дали грижата и почитувањето и во двата случаи е одамна задоцнето?“, се прашува британската уметница Сузана Ардо, во рамките на изложбата „Силување на природата“, која до 17 септември ќе биде отворена во Галерија 8 во Скопје. Изложбата всушност прави паралела помеѓу „силувањето“ на планетата која постојано се уништува и силувањето на женското тело… 

Во Галерија 8 во Старата скопска чаршија, до 17 септември може да се види резултатот од уметничкиот проект на две еминентни уметнички Шкипе Мехмети од Македонија и Сузана Ардо од Англија, кои преку заедничката изложба насловена „Силување на природата“ ја претставија феминистичката перспектива на климатските промени. Токму со британската уметница зборувавме за изложбата која ја поттикна љубопитноста на јавноста.

Овој проект, како што посочи Сузана Ардо, визуелна уметница, кураторка и писателка, премиерно ѝ беше понуден на ликовната публика на Уметничката резиденција на Музеј на град Скопје (Cité Internationale des Arts) во Париз, Франција. Таму двете уметнички работеле со рециклиран материјал сликајќи на природниот саундтрак на бурата, поројните дождови, ветрот… Кога завршиле со сликањето, небото се отворило и тие решиле да ги извадат на виделина создадените слики. Тоа го сториле на брегот на реката Сена со идеја да ја вклучат јавноста во дискусија за климатските промени. Со истата заложба, со протестот кој му е наменет на целото човештво и делата од „3В“ тие сега изложуваат покрај древниот Вардар, а нивната заедничка изложба говори за поврзаноста помеѓу навидум различните точки на времето и просторот. За изложбата во Скопје беа подготвени и две музички композиции посебно напишани и изведени во Њујорк и Лондон.  Двете поеми на Ардо, се музички обработени од американскиот композитор Џонатан Давид и британската композиторка Кристина Катаниа-Флорес.

„Со години, важен дел од мојата работа беше инспириран од климатските промени и нашите односи со планетата која е наш дом. Сè започна со експедицијата кон Арктикот и создавање инсталации од глечери. Тогаш мојата работа беше избрана од жири и бев поканета да ја претставувам Велика Британија на Уметничкиот камп на УНЕСКО во Андора минатата година. Во студиото осветлено од сонце во планините на Андора, работев рамо до рамо со Шкипе Мехмети, која ја претставуваше Македонија во овој Уметнички дом. Се запознавме една со друга, со начинот на работа, разговаравме многу за уметноста и решивме дека сакаме да продолжиме да работиме заедно. Оваа соработка ја започнавме во Париз, во јуни 2019 година, веднаш по изложбата каде двете учествувавме во седиштето на УНЕСКО. Ние сликавме заедно, а потоа создадовме инсталации покрај Сена, и на изложбата во Cité des Arts Paris. Во овој креативен период направивме планови да продолжиме со работата и во Скопје и да ја направиме оваа изложба во Галеријата 8 во Безистен, Стара чаршија“, вели Ардо која за весникот „Вечер“ додава дека ѝ е првпат да работи неколку дена во Скопје, иако порано била во други делови на земјата.

Ја запрашавме всушност која е пораката која сака да ја пренесе преку овој нивен проект.

„Можеме ли да мислиме на телото на планетата … како на женско тело? Замислете ја вагината и вулвата … како порти за нов живот? Климатските промени … како лет на ветрот? Ова се некои од прашањата што беа инспирација за нашите дела. Овие се горливи прашања на нашето време. Буквално. Помислете на запалените, буквално запалените шуми на Амазонија… Ова го ставивме во феминистичка рамка, споредувајќи ги проблемите на телото на планетата со проблемите на женското тело. Дали грижата и почитувањето и во двата случаи е одамна задоцнето?“, се прашува Ардо, која во своите дела всушност прави паралела помеѓу силувањето на планетата која постојано се уништува и силувањето на женското тело…

Таа посочи дека поголемиот дел од времето поминато во Скопје сликала и создавала инсталации. Она што го има како замерка, поточно како што самата вели, „она што ме мачеше е количината на фонтани во градот… не видов фонтани за пиење на јавни места. И воопшто нема фонтана за пиење на скопскиот аеродром, само пластични шишиња. Нели би било прекрасно да пиете вода од фонтаните и тоа насекаде низ градовите… Водата е како воздух: тие треба да опстанат. Пиењето на вода од фонтани помага да се намали загадувањето и да се зголеми благосостојбата во жештините предизвикани од климата. Зарем не е сето тоа меѓусебно поврзано?“, прашува Ардо.

Таа сепак, посака да имала повеќе време поинтензивно да го запознае градот! „Можеби следниот пат, ако бидам поканета да се вратам. Запознав неколку инспиративни, љубезни и дарежливи луѓе и планираме да останеме во контакт.

Се надевам дека следниот пат ќе има повеќе време и ќе се договорат посети на галерии и музеи. Тогаш со нетрпение ќе чекам да научам повеќе за македонската уметничка сцена. Во меѓувреме, ќе ми биде мило да соработувам со некои прекрасни уметници што ги запознав во Скопје“, вели Ардо. (Д.Т.)