„Само една одговорност е повисока од уметникот и од секој творец, а тоа е одговорноста кон новите генерации кои националното творештво треба да го чуваат, негуваат и почитуваат“, вели Павле Кузманоски, еминентниот македонски сликар и добитник на годинешнава државна награда „11 Октомври“ за животно остварување од јавен интерес од областа на уметноста

 

„Се надевам дека со децениите ликовно творештво го оправдувам ова признание. Со напор и труд ова е доказ дека се постигнуваат резултати. Сè што правиме е да оставиме белег за наредните генерации“, истакна еминентниот македонски уметник, доајен на македонското современо сликарство Павле Кузманоски на свеченоста која во неговото родно Тетово беше организирана во негова чест, а по повод државната награда „11 Октомври“.

На самото доделување, пак, во Собранието, Кузманоски се обрати пред присутните истакнувајќи дека секој уметник, секој творец твори растоварен од очекувањата за награди и признанија, задлабочен во својот творечкиот свет. Но притоа додаде и дека е очигледно дека во тој творечки свет не биле сами.

„Сметам дека повеќедецениското создавање е голема одговорност, кон себе, сопственото дело, кон другите… Само една одговорност е повисока од уметникот и од секој творец, а тоа е одговорноста кон новите генерации кои националното творештво треба да го чуваат, негуваат и почитуваат. Сè што создадовме, создадовме за вас“, истакна меѓу другото Кузманоски.

Иницијативата за доделување на ова високо признание за животно остварување од јавен интерес ја поднесе Даријан Сотировски, тетовец и директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи. Интересно е што тоа се случи без знаење на самиот уметник.

„Како негов сограѓанин, човек од помладата генерација, прво чест ми е што живеам во време кога таков голем уметник живее во нашиот град. Ја сведочам неговата човечка широчина, уважувањето и почитта која средината ја има кон него. Фан сум на неговото творештво и сметам дека оваа награда одамна е заслужена. Се радувам што одборот покажа интегритет и процени објективно и ја додели во вистински раце. Исто така ме радува и реакцијата на целиот град и на другите културни дејци низ државата и странство, кои со години го следат неговиот уметнички пат“, вели Сотировски.

Тој посочи и дека во ек на изборните активности и поделено општество, целиот град беше присутен на свеченоста која по повод наградата и во чест на Кузманоски се одржа во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово.

Во самата иницијатива пак, за доделување на државната наградата „11 Октомври“ Сотировски образложува дека делата на Кузманоски говорат дека ваквото животно признание треба да се поврзе и со славниот историски ден 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија, бидејќи ова востание со сите свои дострели, успеси и нужни загуби е значаен мотив во неговото творештво и иницијалниот мотив за целата серија уметнички дела со меѓународна препознатливост „Сведоци“.

„Кузманоски е еден од ретките македонски академски сликари чии дела ја следат бурната хронологија на општествените случувања еден долг временски период, тој е посветен и активен и во својата деветта деценија, срдечен колега, космополит и пацифист, педагог и вистински културен деец“, наведува во иницијативата Сотировски.

Инаку, Павле Кузманоски е роден 1939 година во Тетово, своето стручно образование го  започнал во 1959 година во Средното уметничко училиште во Скопје, а високото образование го стекнал на престижната Академија за применети уметности во Белград каде дипломирал. Во 1967 г. има студиски престои во Венеција, Торино, Франкфурт и Келн, а во 1973 г. пристапува во членство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во периодот од 1980-1981 како стипендист на Француската влада е на oсуммесечна специјализација во Анже – Франција. Остварил четири студиски престои во Париз во Cité InternationaledesArts и чествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии. До сега приредил педесетина самостојни ликовни изложби и учествувал на преку 250 колективни ликовни претставувања во земјата и во странство. Добитник е и на значајни награди за сликарство. (Д.Т.)