Украина ја чека неизвесна зима, Турција би можела да игра важна улога

99

Украина има проблеми во снабдувањето со струја, гас, па дури и вода со доаѓањето на постуденото време. Претседателот Зеленски на 30 ноември изјави дека околу шест милиони потрошувачи немаат струја.

Претходно Зеленски рече дека 15 региони имаат проблеми со водоснабдувањето, а состојбата со струјата е отежната речиси во сите региони. Во своето обраќање премиерот Шмигал рече дека нема ниту една термоцентрала или хидроцентрала во Украина што не била изложена на руски ракетен оган.

Руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура значително ја влошија енергетската ситуација во Украина. Затоа, не е чудно што Украина на секој начин се обидува да најде решение за делумно да ги снабдува своите граѓани со електрична енергија.

Магазинот „Форбс“ објави три сценарија за прекините на струја доколку продолжат руските напади врз енергетската инфраструктура. Според првото сценарио, ќе дојде до колапс на електричната мрежа на источната страна на реката Днепар, доколку Русија ги фокусира ударите на транзитните трафостаници кои ја пренесуваат електричната енергија од едната страна на другата страна на Днепар.

Друго сценарио е прекин на електричната енергија на национално ниво, кога Русија би извршила серија истовремени масовни удари врз електрани и трафостаници низ Украина. Најлошото сценарио би било прекин на електричната енергија во Украина на седум дена. Ова сценарио предвидува серија симултани масовни напади врз отворените разводни уреди на нуклеарните централи, како и врз трафостаниците кои го поврзуваат украинскиот енергетски систем со европскиот.

Се појавија информации дека Укренерго преговара со турската енергетска компанија Карпауершип. Темата е можната инсталација на три пловечки електрани во близина на Одеса, кои би произведувале до 300 MW електрична енергија.

„Разговараме со гувернерот на Одеса и со украинската електроенергетска компанија Укренерго за поставување на три енергетски бродови во близина на Одеса со вкупна моќност од 300 MW“, рече Зејнеп Харези, член на управниот одбор на Карпауершип.

Европската унија, иако и помага на Украина, самата се соочува со енергетска криза. Во таа насока, се погласни се повиците за преговори меѓу двете страни, иако не е јасно која би била почетната точка на преговорите.

Порталот Тајм неодамна објави текст во кој се наведува можноста за отворање на преговорите. Сепак, иако за нив се повеќе се зборува, преговорите се уште не се отворени. Од друга страна, Украина се соочува со тешка енергетска ситуација во земјата која ќе стане уште потешка во наредните месеци.