УЕФА: Вкупниот награден фонд за ЕП 2024 ќе изнесува 331 милион евра

81

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска соопшти дека вкупниот награден фонд за Европското првенство во Германија во 2024 година ќе изнесува 331 милион евра.

Секоја од 24-те репрезентации ќе добие по 9,25 милиони евра за учество на турнирот кој започнува на 14 јуни следната година.

Националните асоцијации ќе добиваат по 1 милион за секоја победа, а 500.000 за реми. Пласманот во осминафиналето ќе донесе 1,5 милиони евра, во четвртфиналето 2,5 милиони, а во полуфиналето четири милиони евра.

Финалистот на ЕП ќе добие дополнителни пет милиони, додека европскиот првак осум милиони.

Максималната сума што може да ја постигне шампионската екипа доколку ги добие сите три натпревари во групата е 28,25 милиони евра.

Европското првенство ќе се одржи следната година во Германија од 14 јуни до 14 јули, а составот на групите ќе биде познат по денешната ждрепка во Хамбург.