Угостителите во Србија од утре ќе работат до полноќ, според новата мерка

42

На денешната седница на Кризниот штаб во Србија беше одлучено од утре да започнат да важат мерките за кафулињата, рестораните и угостителските објекти, работата да биде продолжена до полноќ, а на киосците од 00 до 24 часа, јави дописникот на МИА од Белград.

-Дека Србија полека се враќа во животот на кој сме навикнати, доказ е и продолженото работно време на кината, така што последната проекција ќе биде од 23 часот, изјави министерката и член на Кризниот штаб, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ по седницата на ова владино тело.

Во наредните денови ќе се донесе одлука за прослава на матуратата, како и правилата според кои тие би можеле да се одржат.

Исто така беше одлучено да се зголеми дозволениот број учесници на конгресите. Досега беше можно да се организираат вакви настани до 100 лица, а од сега е одобрено да може да има двојно повеќе од нив, поточно до 200 лица.

Една од најважните одлуки се однесува на помошта од 3.000 динари за вакцинираните лица, кои, како што одлучи Кризниот штаб, ќе бидат достапни за сите што ќе аплицираат за вакцинирање денес до полноќ и ќе се вакцинираат во рок од седум дена. Досега оваа мерка важеше само за оние кои до денес се вакцинираа, а пријавувањето за оваа парична помош почнува од полноќ и ќе трае до 15 јуни.

На денешната седница исто така беше одлучено да се укине бесплатниот ПЦР тест за оние што патуваат во Германија.