Увозот на скапа струја ќе го испразни буџетот и ќе предизвика економска криза

Поради недоволното домашно производство ќе мора да увезуваме скапа струја од надвор, а тоа може да го испразни буџетот и да предизвика економска криза. За решавање на енергетската криза досега се потрошени 65 милиони евра, а остануваат уште 50 милиони евра, кој според експертите нема да бидат доволни

62

Енергетската криза се продлабочува, а цената на струјата на берзите не престанува да расте и се искачи над 320 евра за мегават-час. И покрај тоа што надлежните институции тврдат дека нема да има ценовни шокови на струјата од јануари следната година, сепак енергетичарите не се сигурни дека производството ќе се врати во нормала. Од друга страна, поради недоволното домашно производство ќе мора да увезуваме скапа струја од надвор, а тоа може да го испразни буџетот и да предизвика економска криза. За решавање на енергетската криза досега се потрошени 65 милини евра, а остануваат уште 50 милиони евра, кои, според експертите, нема да бидат доволни за да се реши кризата.

Повеќе европски земји најавија зголемување на цената на струјата по Нова година, што е се поизвесно дека ќе се случи и кај нас. Цената на струјата за домаќинствата е загарантирана до декември, а од јануари ќе следи покачување, кое според прогнозите ќе биде минимум 30 отсто. Тоа практично би значело дека ако сметката за струја сега ви е 4.000 денари од 1 јануари наредната година ќе биде минимум 5.200 денари.

Според експертите, цената од 36 евра е вештачка и овој износ државата ќе го „држи’’ до Нова година. ЕВН Хоум струјата на домаќинствата им ја продава по 36 евра за мегават-час, а на берзите во моментов се продава над 320 евра за мегават-час, што е надвор е секаква ценовна логика.

– Домашното производство на електрична енергија е многу мало и ако порано задоволуваше 50 отсто од потребите, сега задоволува од 10 до 20 отсто. Термоелектраните нефункционираат, а хидроелектраните се празни и не произведуваат струја, што значи производството е на минимум. Секако ќе ни треба да увезуваме струја од надвор која како што прогнозиравме претходно до Нова Година ќе достигне 400 евра, а сега прогнозите се дека ќе стигне до 500 евра за мегават час. Затоа надлежните институции треба да обезбедат доволно финансиски средства за купување на скапа струја, ова може да го испразни буџетот и да предизвика сериозна економска криза, вели енергетскиот експерт, Ѓорѓи Манасков.

Во меѓувреме истече рокот и на вториот тендер на ЕВН Хоум за обезбедување на струја за домаќинствата за следната година. Првиот пропадна, бидејќи не беше доставена ниту една понуда, а понуда не достави ниту државната ЕСМ, бидејќи како што информираа сè уште не ја формирале цената по која ќе ја продаваат својата струја.

Инаку, според Законот за енергетика ЕСМ има обврска да обезбеди 60 проценти од потребите на струјата за домаќинствата.

Во меѓувреме за наплата стигна фактурата од 18,5 милиони евра на МЕПСО за ненајавеното повлекување на електрична енергија од европскиот систем за периодот јули – август.

Само за незаконското повлекување на струја во октомври МЕПСО ќе треба да плати 16,5 милиони евра, но за ноември се очекува пониска сметка, бидејќи незаконски е повлечена помалку струја и дополнително имаше најави за дефекти на енергетските производни капацитети.

МЕПСО од државната каса за решавање на енергетската криза доби повеќе од над 16 милиони евра.

(А.С.)