Еден од тројцата Летонци во НБА лигата заедно со Кристап Порзингис од Далас и Дејвис Бертанс од Сан Антонио, Родионс Курукс, беше уапсен во Њујорк под сомнение за физички напад и давење на девојка со која се забавувал минатиот јуни.

Овој 21-годишен кошаркар на Бруклин е пуштен да се брани на слобода, а додека се чека пресудата, Курукс, најверојатно, ќе се соочи и со казната од комесарот во НБА лигата, Адам Силвер.

Според полицискиот извештај, по кратката вербална расправија, Курукс започнал да ја дави својата тогашна девојка, која притоа ја удрил. Таа во тужбата навела дека претрпела гребнатини на левата рака, градите и лицето, но нема фотографии од повредите во случајот, пренесуваат американските медиуми.

Целиот случај се одвил во Бруклин пред заминувањето на Курукс од Нетс во Лас Вегас на Летната НБА лига. Тој е обвинет за физички напад од трет степен и треба да се појави на суд за првото рочиште на 21 октомври. Во меѓувреме, Нетс преку соопштение најавија дека се запознаени со целиот случај.

Овој крилен кошаркар кој има 206 сантиметри својата кариера ја започна во ВЕФ Рига од каде премина во редовите на Барселона во 2015 година за која играше наредните три сезони. Бруклин го зема како 40-ти пик на НБА драфтот, но некое време се задржа во развојната лига, во тимот на Лонг Ајленд Нетс. Тој своето деби во елитното натпреварување го имаше минатата сезона каде што одигра 63 од 82 натпревари, како и четири меча во плејофот. Тој во просек бележеше по 8.9 поени, 3.9 скока и 0.8 асистенции.