Уапсен и потпретседателот на ветеранската организација на ОВК, Насим Харадинај

27

Полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС го упаси попладнево и потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната восјка на Косово (ОВВ-ОВК), Насим Харадинај, откако претходно беше приведен и претседателот на организацијата Хисни Гуцатијави дописникот на МИА од Приштина.

Обајцата челници на ОВВ-ОВК, според косовските медиуми, се уапсени по налог на Специјализираните комори, односно на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, познат во јавноста како „суд за ОВК“.

Гуцати, кој беше уапсен околу 13.30 часот при акција на полицијата на ЕУЛЕКС во канцелариите на ОВВ-ОВК, според информации од неговото семејство веќе се наоѓа во притворното одделени на Специјалниот суд во Хаг. Харадинај, пак, е приведен нешто по 17 часот, пред да влезе на интервју во телевизијата Т7 и, според неофицијални информации, и тој веќе е на пат за Холандија.

Приштинската телевизија објави дека потпретседателот на ОВВ-ОВК одбил да замине со полициско возило на ЕУЛЕКС, по што го напуштил местото каде што беше приведен во придружба и со возило на косовската полиција.

– Не одам со нив, само со Полицијата на Косово, изјави Харадинај.

Во минатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица доставија бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против осомничени за воени злосторства и со имињата и сведоштвата на лица испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот чие седиште е во Хаг.

Денешниот упад на ЕУЛЕКС во просториите на ОВВ-ОВК и апсењето на Гуцати, а подоцна и на Харадинај, уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово и офицер на ОВК Салих Мурати, кој е првиот официјално обвинет од трибуналот во Хаг. Мурати, Гуцати и Харадинај се првите од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99, кои се уапсени по налог на Специјализираните комори за Косово.

Меѓу поранешните основачи и водачи на ОВК кои се осомничени за злосторства врз цивили од албанска, српска и други националности, се актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен спикер на републичкото Собрание Кадри Весели и шефот на Главниот штаб на ОВК и пранешен премиер на Косово, Агим Чеку.

Извор:МИА