Откупот на тутунот и покрај тоа што почна со одлична динамика последниве денови го следат одредени контроверзи, дилеми, забелешки од страна на тутунарите. Тие реагираат на незаинтересираноста на компаниите за откуп, пониска проценка на класите во споредба со почетокот, како и непочитување на одредени откупувачи на правилникот за проценка на „мострите“.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Државниот земјоделски инспекторат, пак, велат дека откупот на тутунот се одвива според планираната динамика и оти досега биле откупени 24.800 тони или 93 отсто од предвидените количества со просечна цена од 221 денар за килограм. Се поставува прашањето дали има политика во откупот на тутунот?
Министерот Трајан Димковски рече дека секој килограм тутун од реколтата 2019 ќе биде откупен. Инспекторатот има засилени контроли на терен и нема простор за паника.
Според тутунарите, тутунот се проценува пониско од реалните очекувања. Тие велат дека динамиката на откуп на се одвиваше како што треба, но од Нова година наваму тутунот се ценел со една до две класи помалку од реалната вредност, а од неразбирливи причини драстично бил намален и бројот на откупни пунктови. Поради оваа ситуација во Прилепско-долненскиот крај има неоткупено околу два милиона килограми тутун и тоа според договор.
Според нив, државата не презема ништо за да ги заштити, а се сомневаат дека е увезен тутун во Македонија и бараат тоа да се стопира. Тие велат дека имаат договори со откупните претпријатија и оти треба да се откупи прво нивниот тутун, а потоа да увезуваат.
-Ние имаме договори, а тутунот не се откупува, зошто, како не знаеме. Прво не беше ограничено со килограмите, сега во сите компании им е ограничено. Нема компанија каде нема ограничување. Дури нашиот тутун не се откупи од производителите да не се увезува тутун. А после тоа ако имаат потреба компаниите нека увезуваат, ние немаме против, вели Златко Наумоски, производител на тутун.
И тутунарите од Прилепско се револтирани поради пониската проценка на класите и велат дека имаат големи количини непродаден тутун кој може да им остане. Тие најавија дека ќе протестираат додека не се реши проблемот
Според директорот на државен земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ, од почетокот на откупот досега имало три жалби до комисијата од тутунарите од кои две се прифатени, а деновиве во Прилепско контролите на пунктовите не покажале забелешки.
Инспекторатот е категоричен дека нема увоз на тутун, а пунктовите во Долненско се отворени, но слабо се носи тутун.
Просечната откупна цена во моментов е 220,8 денари за килограм, според надлежните е највисока просечна цена досега. Вредноста на откупениот тутун е над 5,4 милијарди денари или двојно повеќе од 2014 година кога вкупната вредност беше 2,9 милијарди. (А.С.)