Турција ја повика новата шведска Влада да преземе мерки против терористичките групи доколку сака влез во НАТО

30

Новата шведска влада сега би требало да се позанимава со безбедносните проблеми што Турција ги изнесе како замена за отстранување на ветото за членство на Шведска и Финска во НАТО, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Двете земји поднесоа барање за приклучување на Сојузот, како одговор на руската инвазија врз Украина. Но, тие се соочија со противење од страна на Турција, која ги обвинува за наметнување ембарго на оружјето за Анкара и поддржување групи што таа ги смета за терористички.

Турција го повлече ветото за време на самитот на НАТО во јули за, како што беше речено, конкретни придобивки. Меѓутоа, Анкара тврди дека оттогаш нордиските земји не ги презеле посакуваните чекори.

Чавушоглу на прес-конференција појасни дека Турција не очекувала Шведска да преземе чекори пред изборите од минатата недела. Но, сега е на потег следната влада, која според него, мора да дејствува по ова прашање.

– Тие знаат оти овој договор нема да го одобри турскиот Парламент, доколку не се преземат чекори, истакна министерот.

Десничарската опозиција во Шведска има тесна предност пред владејачкиот блок од левиот центар, додека пребројувањето на гласовите се приближува кон крајот.

Трите земји потпишаа договор за повлекување на ветото на Анкара во замена за ветувања во врска со борбата против тероризмот. Но, Турција нагласи дека ќе ги блокира кандидатурите за членство, доколку не се исполни ветеното. Земјата бараше екстрадиција на 73 лица од Шведска и десетина од Финска.

Официјални лица на трите земји во август се договорија да продолжат со состаноци идните месеци за да разговараат за грижите на Турција.

– Постои договор и барањата на тој договор се јасни. Тие мора да се исполнат, подвлече Чавушоглу.