Турците ги вооружуваат Црногорците

66

Турското Министерство за одбрана ќе стане главен донатор на Војската на Црна Гора (ВЦГ) со 16 милиони евра во наредните пет години, а средствата се наменети за производство на теренски возила за потребите на црногорската армија и едукација на персоналот во турскиот воен школски систем.

Според порталот Балканска безбедносна мрежа (www.balkansec.net), околу 15,5 милиони евра ќе бидат искористени за производство на теренски возила, а нешто повеќе од половина милион се наменети за финансирање на образованието на црногорскиот персонал во Турција.

„Преку донацијата на ВЦГ,  Турција истовремено го зајакнува своето присуство на Балканот и испраќа политичка и безбедносна порака за престиж и добра волја, а воедно од буџетот се помага и на турската индустрија“, се вели во написот на порталот.

Помош за воено образование е новина, и во оваа учебна година, првпат питомец од Црна Гора замина на школување во турската Воена академија во Анкара. Предвидено е тој да учи турски јазик првата година, а потоа четири години ќе студира на академијата заедно со неговите турски колеги.