Туристичко патување во Венеција се претвори во трагедија: Автобус падна од надвозник, повеќе од 20 загинати/ВИДЕО

420
EPA-EFE/ANDREA MEROLA

Најмалку 21 лице загина синоќа откако автобус падна од надвозник во близина на Венеција, јавуваат италијанските медиуми. Автобусот излетал од патот нешто пред 20 часот и паднал во близина на железничка линија во областа Местре, која е поврзана со Венеција преку мост, јавија италијанските новински агенции и телевизија.

РАИ пишува дека две деца се меѓу 21 жртва во несреќата во автобус во Местре. Според полициски извори, телата на двете деца веќе се извадени. Меѓу 18-те повредени има уште три деца. Петмина повредени од кои двајца малолетници се во болницата во Тревизо, додека уште еден малолетник со возило на брза помош е пренесен во болницата во Падова. Останатите 12 се наоѓаат во Местре. Жртвите се уште не се идентификувани, но се чини дека станува збор за странски туристи од различни националности.

“Тоа е апокалиптична сцена. Јас сум без зборови”, објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро на X, (Твитер). Скај Италија објави дека голем број тела биле извлечени од урнатините откако автобусот се запалил. Во несреќата се повредени 18 лица.

„Изгледа како обичен автобус, но се користеше за превоз на туристи до кампот. Се чини дека во него имаше многу странци, меѓу кои и деца. Најдовме неколку украински документи. Ги изнесуваат последните тела“,. изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро за RaiNews по повод несреќата во Местре.