Трката „Born 2 Run“ втор пат во Куманово

57

На втората трка „Born 2 Run“ денеска учествуваа млади лица од Куманово, од Македонија и од Европа. Трката се одржува во организација на Центарот за интеркултурен дијалог, општина Куманово, Одделот за превенција од СВР Куманово, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ –Скопје. Трката се организира и по повод 11 Октомври и во рамки на проектот „Born2Run“.

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски се заблагодари на учесниците на трката со која се одбележува овој значаен датум од македонската историја.

– Учесниците трчаа во централното градско подрачје на десет и три километри и трката имаше за цел да ги зближи младите, заедно да го промовираат позитивниот и мултикултурниот дух на Куманово, преку спорт. Важно е да се напомене дека целата трка е спроведена волонтерски и со помош на локалните волонтери од Куманово, меѓународните волонтери кои престојуваат во градот во рамки на меѓународната размена „Born2Run“ Македонија и волонтерите од Црвениот крст, изјави Флорим Реџепи, еден од координаторите на проектот.

Организаторите го оценија настанот како успешен и сметаат дека ја постигнал целта. Според нив, настанот докажува дека добрата волја за соработка меѓу институциите и волонтерите дава позитивен резултат.

Ова е веќе традиционална трка на која беа прогласени најбрзите учесници.