Српскиот актер Сергеј Трифуновиќ мора да замине од Хрватска, бидејќи му е откажан краткотрајниот престој, објавија вечерва хрватските медиуми, наведувајќи дека Трифуновиќ добил решение за откажување на краткотрајниот престој.
Сплитска „Слободна Далмација“ на порталот пишува дека Трифуновиќ мора да ја напушти Хрватска во рок од три дена. Како што е прецизирано, актерот добил тримесечна забрана за влез во Хрватска, која ќе важи само за таа земја, а не и за остатокот од Шенген зоната.
Полицијата му изрече казна бидејќи како странски државјанин денеска повторно е осуден за прекршок.
Трифуновиќ денеска во судот во Сплит е осуден на условна затворска казна од два месеци поради навреда на полицијата.
Нема да оди во затвор доколку не го повтори прекршокот во следната година. Откако го напуштил судот, му пришол полицаец во цивилна облека и го вратил во полициска станица за да се утврди законитоста на неговиот престој во Хрватска, јавуваат локалните медиуми.
Портпаролката на Општинскиот прекршочен суд, Марина Иванчевиќ, за новинарите во Сплит изјави дека пресудата за навреда на полицијата станала правосилна, бидејќи Трифуновиќ се откажал од правото на жалба.
Актерот заврши на суд откако во понеделникот околу полноќ беше уапсен на граничниот премин Бајаково при влез во Хрватска и одведен во Сплит. Полицијата го испрашала и го пријавила за навреда на полицијата на социјалните мрежи во септември минатата година.
Трифуновиќ во септември минатата година беше казнет во сплитскиот суд за пет прекршоци во Сплит, а потоа доби едногодишна забрана за влез и престој во Европската економска зона, односно Шенген зоната, која истече пред неколку дена.
Сè започна поради инцидент на плажата каде Трифуновиќ дојде минатото лето со својот германски овчар. Граѓаните пријавиле дека без надзор пуштил куче меѓу капачите. Актерот потоа ја навредувал полицијата која дошла на повикот.