Трилатерална средба Србија – Турција – БиХ

173

Во Белград денеска се одржа трилатералниот самит на Србија, Турција и Босна и Херцеговина, на која српскиот претседател е домаќин на претседателот на Турција,  Реџеп Таип Ердоган, и на членовите на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Миодраг Додик и на Шефик Џаферовиќ.

По самитот, претседателите на Турција, Србија и членовите на Претседателството на БиХ во Сремска Рача ќе присуствуваат на свечена церемонија на положување на камен-темелник за изградба на автопатот Белград – Сараево.

На Турско-српскиот бизнис форум кој го организираат Одборот за надворешни економски работи на Турција и Стопанската комора на Србија, кој се одвиваше изминатите денови српскиот претседател Александар Вучиќ изјави:„Благодарение на посветеноста на Ердоган и неодамнешните настапи во Србија, воспоставена е доверба меѓу двете држави, така што денес ги градиме можеби најдобрите односи во модерната историја“.

Србија и Турција потпишаа девет договори, меѓу кои и договорите за воена соработка и за соработка на безбедносно поле. Кога станува збор за економската соработка меѓу двете земји, Вучиќ рече дека таа има значителен напредок. „Последниот пат кога разговаравме, трговијата изнесуваше околу 800 милиони евра и рековме дека целта ни е една милијарда. На крајот на 2018 година таа изнесуваше веќе една милијарда и 200 милиони.

„Србија е клучна за мирот и стабилноста на Балканот“, рече Ердоган и додаде дека посетата на голем број турски стопанственици на оваа земја и учество на  бизнис форумот е показател на добрите односи на двете земји. Ердоган изрази задоволство поради посетата на Србија во годината во која двете земји одбележуваат 140 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Односите со Србија ги окарактеризира како длабоки, со оглед дека јазиците и културите имаат елементи кои ги поврзуваат. Тој се осврна на добрите односи на Србија и Турција и нивно продлабочување во последно време и укажа на значењето на механизмите, како што се совети за меѓудржавната соработка за развој на односите меѓу државите.

Ердоган нагласи дека „ако некаде има намера и верба тогаш се наоѓа и начин да се постигне нешто, а Србија и Турција покажаа силна желба за соработка”. Турскиот претседател најави и отворање на шест нови фабрики, турски инвестиции на подрачјето на Србија. „Почнуваме со изградба на автопат, кој, пред сè, ќе ги зајакне врските меѓу луѓето. Тоа не е само пат, тоа е проект на мирот”, рече Ердоган. Заедничката визија на Турција и Србија, како што рече, е „голема можност за целиот регион, за сите наши стопанственици и инвеститори”.