Трибина за 160 години од раѓањето на Чехов: Малиот човек е наше секојдневие

54

По повод 160 години од раѓањето на големиот руски писател Антон Павлович-Чехов, неодамна во Рускиот центар при УКИМ беше одржана трибината „Малиот човек и современоста“. Темата за таканаречениот мал човек е она што го привлекувало рускиот писател и на која тој ѝ го посветил сето свое творештво.

Трибината беше посветена токму на малиот човек и неговото суштествување во современоста, а говорници беа професорот Мишел Павловски, културниот работник Билјана Тануровска-Ќулавковски, писателот Петар Андоновски и борецот за човекови права Никола Шиндре. Со своето обраќање професорот Павловски ги воведе присутните во творештвото на Чехов, а беше прецизиран и терминот „мал човек“ со кој повеќе од еден век се служат писателите и мислителите. Беше констатирано дека стереотипот на малиот човек не престанал да суштествува до денешен ден, па затоа се бараа паралели во современоста. Тануровска-Ќулавковски направи компарации со неколку современи ситуации, публиката активно се вклучи во разговорот, а дел од неа се согласи и со констатацијата на Никола Шиндре дека малиот човек е директен производ на класното општество во кое сѐ уште живееме.

„Чехов сведочеше дека тагата на еден кочијаш може да биде голема колку тагата на цело едно царство. Оваа реченица многу лесно можеме да ја преформулираме во 21 век како: Тагата на една текстилна работничка може да биде поголема од тагата на целото капиталистичко општество. Малиот човек на Чехов функционира и во современоста. Тој е безвременски“, посочи писателот Андоновски.