Трибина за балканските класици во европската литература: Литературата е потребна и за неа нема замена

46

Класиците наспрема современите дела во македонската книжевност, културата на читање во САД, но и во европските земји, словенечкиот систем на поддршка на писателите, кризата на читателскиот вкус,…беа дел од темите кои беа загатнати на трибината “Балканските класици во европската литература: (не)визибилност во 21 век“ која се одржа денеска во ЕУ инфо центарот, а во рамки на Интернационалниот литературен фестивал “Про-за Балкан“. На трибината, под модераторство на Владимир Јанковски, учесниците (писатели од неколку балкански земји и издавачи од САД и Германија) дебатираа за тоа како балканските класици , но и современите книжевни дела да бидат претставени пред странските издавачи, но и како тие да ги презентираат пред европската, па и американската читачка публика.

“Третманот и кон класикот, и кон современиот автор во САД е ист, но проблемот е кај културата на читање која не постои“, вели американскиот издавач Џон О’Брајан од “Делки Архив прес“. Според О’Брајан, иако станува збор за милионска земја, сепак читачката публика во САД изнесува само околу 30.000-50.000 читатели, преводите се дискриминирани, а сериозна литературна критика нема. Јаника Ритер од “Зуркамп“, издавач од Германија, пак, смета дека современите балкански автори се поинтересни за превод и презентација пред германската публика, бидејќи новите гласови се поблиски до читателот заради темите кои ги обработуваат, но и заради тоа што можат да бидат присутни и достапни за средби, промоции и презентации.

Рецепцијата на класичните дела во македонската книжевност на трибината ја загатна македонскиот писател Ермис Лафазановски, кој праша кој е периодот и кои се делата и авторите кои треба да претставуваат македонска класична литература, додека за кризата на читателскиот вкус во светски рамки, а која се случува последните декади зборуваше македонскиот автор Александар Прокопиев.

За авторот и политичкиот контекст во кој тој твори и издава, споменувајќи ги Крлежа, Андриќ и Селимовиќ, пак на дебатата, се осврнаа писателите Лејла Каламујиќ од БиХ и Роберт Перишиќ од Хрватска. Позитивниот пример на словенечкиот систем за поддршка на писателите на тркалезната маса беше образложен од словенечкиот писател Јуриј Худолин кој посочи дека во Словенија писателот може да живее само од пишување. “Јас цел живот сум само писател, а во Словенија гласот на писателот се слуша повеќе од гласот на политичарот или бизнисменот“, рече Худолин кој истакна дека во оваа земја писателот добива бенефити согласно тоа колку читатели ја позајмиле неговата книга во библиотека.

За т.н. Нов бран во македонската книжевност на трибината зборуваше македонската писателка Фросина Пармаковска, која посочи дека во последните години вратен е фокусот кон македонската литература и дека таа се надева дека ќе дојде време кога и македонскиот писател ќе живее само “од пишување“.

Осврнувајќи се на книжевните награди како поттик за младите писатели, за немањето книжевна критика, за малубројната читетелска публика на квалитетна литература во светски рамки во ова визуелно време во кое младите повеќе читаат на социјалните мрежи, турската писателка Ајфер Тунч сепак истакна дека зборот секогаш ќе има поголема вредност од сликата, од визуелното.

“Литературата е субверзивна, таа и е потребна на публиката и за неа нема замена“ поентираше американскиот издавач О’Брајан на прашањето на модераторот Јанковски за иднината на читањето, пишувањето литература, издаваштвото.

Инаку, овогодишниот лауреат на “Про-за Балкан“ српскиот писател Светислав Басара, како што соопшти организатот во последен момент поради здравствени причини го откажал доаѓањето во Скопје, каде на последниот фестивалски ден требаше да му биде врачена наградата “Прозарт“. (Н.И.Т.)