Тренчевска: Блиску сме до конечно решение

495

„Дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот помеѓу СОНК и МТСП. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот и се надевам дека до крајот на оваа недела ќе имаме и потпишана спогодба и конечно решение во однос на одлуката за штрајк во предучилишното образование“, изјави Тренчевска

Утре завршуваат вторите десет дена од постапката за помирување меѓу Синдикатот за образование, наука и култура и Министерство за образование и наука, кои двете страни целосно ги искористија за преговори за зголемување на процентот на платите во образованието и детската заштита, но и за колективните договори за основно и средно образование. Се очекува за предлогот од помирувачот да расправа Советот на СОНК, а до донесувањето на неговата одлука, штрајкот во воспитно-образовната дејност ќе остане во мирување.

Во рамки на преговарачкиот процес, денес беше одржана и средба меѓу СОНК и Министерството за труд и социјална политика. Како што посочи министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, остварена била одлична и конструктивна дискусија. „Социјалниот дијалог продолжува. Блиску сме до конечно решение. Денес разговаравме за повеќе понудени предлог-решенија и од страна на МТСП и од страна на СОНК. Дојдовме до приближување на ставовите кон она што значи решавање на спорот помеѓу СОНК и МТСП. Во текот на неделата продолжуваме повторно со дијалогот и се надевам дека до крајот на оваа недела ќе имаме и потпишана спогодба и конечно решение во однос на одлуката за штрајк во предучилишното образование. Се приближуваме до ставовите и на двете страни, но ни треба дополнително време за да можеме предлозите кои беа дадени и од СОНК и од МТСП да ги усогласиме внатре во нашите институции и до крајот на неделата, верувам до четврток, петок ќе го имаме конечното решение кое е во интерес и на МТСП и на СОНК, односно на вработените во градинките, а е во рамки на Законот“, изјави денес Тренчевска.

За претседателот на СОНК, Јаким Неделков, доколку не се најде заедничко прифатливо решение, може да има последици, но, како што истакна тој, „во добар правец оди надминувањето на горчливиот проблем за исплата на плати на сите оние кои беа во штрајк во детските градинки“. „Убедени сме дека и овој проблем позитивно ќе биде решен до крајот на неделата. Тоа не би требало да биде камен на сопнување, од аспект на тоа дека има добра волја од двете страни да се надмине ситуацијата. Згора на тоа и преговорите со МОН привршуваат и она што ќе биде договорено во однос на зголемување на плати во дејноста образование ќе важи и за детска заштита“, изјави денес Неделков.

Инаку, за денес попладне е закажана и средба на СОНК со Министерството за образование и наука. Притоа, министерот за образование и наука Јетон Шаќири посочи дека се прават напори да се постигне договор. „Ние ќе направиме напори денеска да се постигне договор зашто за многу теми од разговорот сме дојдени блиску до решение на проблемот. Во текот на денот да најдеме решение заедно со помирувачот и двете страни кои сме во преговори да ги прифатиме препораките кои ќе дојдат од страна на помирувачот“, изјави Шаќири.

Со оптимистички тон настапи и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. За весникот ВЕЧЕР, Неделков изјави дека од средбите очекува позитивни резултати. „Очекувам позитивни резултати од денешните средби, сите прашања се отворени, нема нешто што не е можно за отстапки, сепак тоа се преговори, договори меѓу две страни каде без исклучок мора да има некакви отстапки, без разлика дали од едната или од другата страна. Ако сите тврдо стоиме закопани во сопствените ровови, тогаш ќе нема простор ниту за преговори, ниту за медијација“, изјави тој за весникот ВЕЧЕР.

Неделков истакна и дека ќе биде добро доколку преговорите завршат еден ден претходно. „Денес е претпоследниот ден од рокот за медијација, што значи би било одлично денес да завршиме со преговорите и да не се пролонгира за утре, меѓутоа ако навистина има некое отворено прашање коешто или јас немам мандат да одлучам или пак, министерот, и доколку треба да се има дополнителни консултации со органите, тогаш може да остане и за утре, ама да се надеваме дека денес ќе завршиме“, посочи  тој.

Неделков додаде и дека понатамошен чекор е препораката од помирувачот да ја презентира на седницата на Советот на СОНК, којшто ќе расправа по однос на неа, но и по однос на преговорите и тогаш Советот ќе одлучи што понатаму. Односно, Советот на СОНК, врз основа на новите предлози од Владата треба да реши дали штрајкот ќе биде прекинат или, пак, повторно активиран со што и наставата пак ќе треба да биде прекината.

Инаку, претходната средба на СОНК со МОН беше во петокот, кога се преговараше за колективните договори во основно и средно образование, а со МТСП средба се одржа во четвртокот кога двете страни разговараа за формирање работна група за нов колективен договор за предучилишните установи, зашто важноста на актуелниот истекува со јуни.

Да потсетиме, тринеделниот штрајк на просветните работници СОНК го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот. Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки, како што е познато, почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за нивно усогласување со минималната плата. Во текот на преговорите, првично на СОНК му беше понудено зголемување на платите за 10 отсто, а потоа и за 12 отсто, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК. На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно да почнат со работа, а вработените во училиштата останаа и понатаму во штрајк, кој е ставен во мирување на 28 април по стартот на медијацијата. (Н.И.Т.)