По повредата на Илија Несторовски, главна алка во нападот на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство се очекува да биде Александар Трајковски, кој моментно ги брани боите на шпанска Мајорка. Тој најдобриот дел од професионалната кариера го мина во дресот на италијанскиот Палермо (од 2015 до 2019 година), а во интервју за дневниот весник ВЕЧЕР ги откри своите очекувања за претстојното континентално првенство, каде што „црвено-жолтите“ се во група со Австрија, Украина и Холандија.
- Искрено, верувам во нашата репрезентација и верувам во тоа дека можеме да направиме многу добри резултати. Имаме можност да докажеме колку вредиме, тоа го имаме покажано и до сега. Веруваме во што подобри резултати на нашата селекција. Целта ни е да ја поминеме групната фаза, бидејќи не се задоволуваме само со присуството на Европското првенство, истакна фудбалерот, кој на 63 меча го носеше националниот дрес и постигна 18 погодоци.
Голгетерот додаде дека постои мал притисок меѓу репрезентативците со оглед на тоа дека станува за големо натпреварување.
- Ова е нов настан за сите нас, ново искуство и сметам дека сите играчи можеби имаат мал притисок бидејќи станува збор за големо натпреварување. Сепак, сите имаме искуство, играме во добри лиги и тоа нема да ни претставува проблем на Европското првенство, вели Трајковски.
Запрашан за улогата и придонесот кои ги има Горан Пандев во репрезентацијата, Алекс одговори – „треба да ги следиме неговите чекори“.
- Сите знаеме кој е Горан Пандев и колку ни значи, така што, тој има голем придонес за играта која ја имаме и резултатите кои ги остваривме. Сите млади играчи, па и самите ние повозрасните, треба да ги следиме неговите чекори, потенцираше напаѓачот на Мајорка.
Со оглед на тоа што Македонија располага со неколку фудбалери кои можат со еден потег да направат „магија“, Трајковски категоричен – „играме сите за еден и еден за сите“.
- Очекувам сите да блеснат, затоа што токму на ова првенство треба да го дадеме максимумот. Кога играш на едно такво големо натпреварување и кога ја претставуваш својата држава, сметам дека сите треба да блеснат, односно секој кој ќе добие шанса за настап треба да си ја искористи, за што подобро да се покаже, вели Трајковски.
После еден одговор на прашање дознавме дека ако не беше фудбалер, сигурно би бил политичар.
- Има многу големи репрезентации, сите ќе се борат за титулата на свој начин, дипломатски одговори Трајковски.
За на крај, направи разлика помеѓу репрезентативните и клупските обврски, односно врската меѓу тренер-играч и селектор-играч.
- Репрезентацијата и клубот се малку поразлични. Тука доаѓаш да играш со срце за својата држава, како фамилија сме. Селекторот е најзаслужен за сето тоа, тој направи една хемија меѓу сите нас, една позитивна атмосфера… Нормално, тоа така треба да биде и во клубот, но, еве јас, се чувствувам поинаку кога играм за националниот дрес и за својата држава.
Кристијан Трајковски