Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека ќе гласа на референдум во Флорида за легализирање на консумирањето марихуана за оние над 21 година.
Трамп го објави ова доцна во неделата на неговата социјална мрежа Truth Social, откако на крајот на август имплицираше дека е отворен за легализирање на рекреативната употреба на марихуана во државата.
Тој ја поддржува граѓанската иницијатива иако неговите сопартијци, меѓу кои и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, се против.
„Како што кажав претходно, верувам дека е време да се стави крај на непотребните апсења и притворања на возрасни за поседување на мали количини марихуана за лична употреба“, напиша Трамп, а потоа објави дека како регистриран гласач на Флорида, тој би гласал за легализација.