Трампа на зградата на „Макотекс“ за Градска куќа!? 

448

Барокната зграда покрај Вардар во интересот на бизнисмените. Газдата на „Макоил“, Мите Јовановски, нема ништо против да ја трампа неговата зграда „Макотекс“ за Градска куќа, или пак за некоја катна гаража, или пак, Градот да му ја плати. Се сретнал со градоначалникот Шилегов, но ништо конкретно не договориле. Шилегов неодамна најави дека во плановите е проширување на улицата „Даме Груев“ во булевар. На трасата на идниот булевар се наоѓа токму зградата „Макотекс“. Изградбата на Градска куќа чини 12,7 милиони евра и тоа е почетната цена по која ќе се продава. Зградата „Макотекс“ се проценува на околу 7 милиони евра

Газдата на бензинските пумпи „Макоил“, Мите Јовановски, кој е и сопственик на објектот “Макотекс“, нема ништо против да ја трампа оваа зграда во центарот на Скопје за барокната Градска куќа која ја изгради Град Скопје и сега градоначалникот Петре Шилегов сака да ја продаде.

Тој во изјава за весникот „Вечер“ истакна дека дава дозвола градските власти да ја урнат зградата на „Макотекст“, ама соодветно да платат за неа бидејќи станува збор за објект кој е на ептен атрактивна локација и многу вреди.

– Ќе им речам, земете ја и платете ја колку што вреди. Јас имам свој проценител за зградата, тие нека си донесат свој. Нека седнат двајцата проценители и нека се договорат за цената – истакна Јовановски.  

Тој се согласува и да се направи замена – неговата зграда за барокната зграда  Градска куќа, но би прифатил градските власти да искомпензираат и со некоја од катните гаражи во градот или некоја друга варијанта.

Јовановски рече дека за зградата „Макотекс“ се разговарало за евентуална компензација и со претходното градско раководство, но преговорите пропаднале.

– Сметам дека и овој пат нема да се реализира. Со Шилегов се сретнавме еднаш и немаме ништо конкретно договорено. Кој сака да ја земе, нека плати како што е. Ако повторно ме викнат, ќе одам да разговараме. Од моја страна нека не се очекува дека нешто ќе понудам, бидејќи испаѓа дека пошто-зошто ја давам зградата – рече Јовановски.

Градоначалникот Шилегов неодамна најави дека во плановите за централното градско подрачје е проширување на улицата „Даме Груев“ во булевар. На трасата на идниот булевар се наоѓа токму зградата „Макотекс“.

Според најавите на Шилегов, изградбата на Градска куќа чини 12,7 милиони евра и тоа е почетната цена по која ќе се продава. Зградата „Макотекс“ се проценува на околу 7 милиони евра. 

(С.Бл.)