Традиционално искачeн врвот Руен

359

Вкупно педесет планинари од Крива Паланка, Скопје, Пробиштип и Прилеп учествуваа на традиционалната акција за искачување на врвот Руен на Осоговските Планини, во организација на планинарско-спортски клуб „Калин Камен 2015” од Крива Паланка.

Акцијата, што се одржа во неделата, почна од стартната точка кај машинската зграда над рудниците „Тораница“.

– Патеката е средно тешка, со денивелација од 700 метри искачување и исто толку симнување. Трасата е долга околу девет километри во еден правец, а искачувањето траеше околу три часа. Покрај самата патека има извор од каде пиевме и уживавме во убавините на Осоговието во прекрасното сончево време. По пристигнување на врвот правевме пауза за одмор и фотографирање, а назад се вративме по истата патека – изјави Радмила Крстевска, претседателка на „Калин Камен 2015”.

Таа појасни дека акцијата е спроведена согласно со сите стандарди за планинарење, со потребните опрема и додатоци.

– Акцијата е успешна, задоволство е да се биде дел од вакво друштво планинари, луѓе со позитивна енергија, за што упатувам благодарност до сите учесници. Времето беше одлично, што со сигурност ќе ги надополни убавите впечатоци од акцијата – додаде Крстевска.