Тошковски: Жестоко ќе одговориме ако има обиди за дестабилизација

68

Тепачки во училишни дворови и градски автобуси, верски провокации и нетрпеливост меѓу најмладите, почнаа да стануваат секојдневие и да ги вознемируваат граѓаните, кои се прашуваат дали ова е почетокот на најавените обиди за дестабилизација во Македонија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека Министерството е подготвено да одговори на секакви предизвици во иднина, кои ќе бидат насочени кон дестабилизација на Македонија и доколку ги има како такви во реалноста, надлежните жестоко ќе одговорат. Министерот потврди дека изминатиот месец имало обиди за подгревање на меѓуетнички тензии, но рече дека службите проследуваат соодветни информации до надлежните.

– Службите во рамки на институционалните форми што ги имавме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи во рамки на истите. Тие беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Така што, сето она што сме го говореле во минатото, од аспект на обиди какви што веќе видовме овој месец, за подгревање на меѓуетнички тензии, дека се реалност, соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина. Кога велам соодветно одговараме, велам дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на којшто ќе биде потребно сè со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остварува правата, рече министерот.

Тошковски рече дека МВР во изминатиот период има отворено голем број на истраги.

– Потребно е време за во рамки на една законита процедура, почитувајќи ги сите правила и принципи на законито однесување од страна на секој еден што е инволвиран во рамки на овие предистражни, истражни постапки што сме ги презеле и ќе ги преземаме во иднина. Но, резултати ќе има. Таму каде што имаме докази, дека е прекршен законот и одредени стандардни оперативни процедури. Таму каде што ќе имаме докази дека душмански е краден македонскиот народ, соодветно ќе одговориме, со кривични пријави и со кривични постапки. Таму каде што ќе немаме докази, ќе си биде исто така соодветно постапено, посочи тој.

Во однос на нападот врз претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Мухамед Сејдини, што се случил во петокот, Тошковски одговори дека е постапено и се преземаат дејствија.

– Постапено е од страна на МВР во однос на предметниот случај што го споменавте. МВР ги презема сите потребни дејствија. Веднаш е одговорено по добиена пријава за конкретниот настан и се постапува. Сè уште не можам да одговорам на вашето прашање, рече министерот.

Препукувањата околу можни сценарија за дестабилизација се засилија откако премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати ја обвини ДУИ за вакво сценарио. Мицкоски рече дека има индиции дека високи поранешни функционери кои располагаат со милионски суми, мобилизираат луѓе на терен за манипулација и се обидуваат да испровоцираат етнички конфликт. Мицкоски сподели со јавноста дека има информации добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-ина години, есенва ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги потврди вакви информации и истакна дека граѓаните треба да бидат запознаени со сите факти коишто се од интерес за јавноста, но не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија, затоа што МВР и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.

Претседателот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, неодамна оствари одделни средби со неколкумина амбасадори во земјава, на кои посочил дека ДУИ не е дел од никакво дестабилизирачко сценарио и отфрла какви било владини конспиративни тенденции. Според Ахмети, ваквите предупредувања се голема „владина измама да исценира дестабилизирачки сценарија за дефокусирање на јавноста од големите неуспеси и безбројните и секојдневни скандали на неспособната власт“.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, смета дека наративите за меѓуетнички конфликт и дестабилизација се договорени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека ваквите наративи им одговараат на овие две партии.

Предупредувањата за т.н. дестабилизација доаѓаат во контекст на иницијативите на Европскиот фронт за озаконување на принципот „победник со победник“ и за територијална реорганизација на државата по белгиски модел.