Ако им се верува на шпанските медиуми, но и на предводникот на каталонскиот гигант Барселона, Ернесто Валверде, тогаш прашање е само на денови кога францускиот интернационалец од редовите на Атлетико (М), Атоан Гризман, и официјално ќе се пресели на „Ноу Камп“.

За време на последниот првенствен натпревар Гризман беше „награден“ со свирежи и вулгарни пораки од најверните фанови на популарните „јорганџии“, а масло и на така големиот оган додаде тренерот на Барса кој потврди дека двете страни веќе се седнати на преговарачката маса.

Еден дел од медиумите, особено тие кои важат за поблиски до каталонскиот гигант ја пласираа и информацијата дека во соблекувалната на Барса нема некое големо задоволство околу најавениот трансфер на Гризман, но другиот дел од медиумите шпекулираат дека најголемата ѕвезда, Лионел Меси, инсистира на реализација на тој трансфер.

  • Сè што можам да кажам е тоа дека веќе се започнати преговорите и дека се уште траат преговорите околу трансферот на Гризман. Сепак, за нас се уште трае актуелната сезона. Треба да го одиграме и натпреварот во Купот на Шпанија и мора да бидеме целосно фокусирани на тој натпревар, мора да ја освоиме дуплата круна. Кога ќе пројде тој натпревар, на ред ќе дојдат останатите работи, тогаш ќе можеме да збориме и на други теми, изјави Валверде.

Иако голем интерес за неговите услуги покажаа и раководните лица на ПСЖ и Манчестер Сити, Гризман сака по секоја цена во следните неколку сезони да престојува на „Ноу Камп“. Најавениот трансфер ќе стане официјален откако двата клуба ќе постигнат договор околу обесштетувањето кое сигурно нема да биде помало од 120 мил. евра. За истата парична сума, Барса планира да го продаде бразилскиот интернационалец Филипе Кутињо.