Годинава одбележуваме 32 години од прогласувањето на независноста на македонската држава и тоа е повод за анализа на промените од 1991 до сега. Осврнувајќи се на почетокот на македонската независност, поранешниот пратеник Тодор Петров потсети дека огромното мнозинство граѓани гласаа за самостојна држава Македонија без додавки и придавки.
– Бидејќи повторувањето е мајка на знаењето: на референдумот одржан на 8 септември 1991 година, четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, гласаа за „суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите без исклучок! По дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, првиот парламентарен состав 1990-1994 во кој бев независен пратеник од Гевгелија, ја возобнови независноста на државата Македонија! За жал, оттогаш до денес, Македонија е опсервирана од странски мешетари, марионетската власт ја прифати нивната улога и перманентно се врши демонтажа на државноста по сите основи – наведува Петров за весникот ВЕЧЕР.
Македонија, додава тој, или ќе биде држава како и сите држави во светот или нема да ја има.
– Тој што не ги памти поуките од минатото, ја повторува историјата. А, во Балканските војни 1912-1913 година, Македонија е поделена, не за да се реши туку за дефинитивно да се затвори македонското прашање! Македонците, како и порано, повторно во Втората светска војна водеа народноослободителна борба за ослободување и обединување на целата етноисториска територија на Македонија. За жал, државноста се возобнови само во вардарскиот дел на Македонија. По дисолуцијата на поранешна СФРЈ, повторно се отвори темата Македонија. Македонското прашање сè уште не е решено! И Времената македонско-грчка согласност Стево Црвенковски – Каролос Папуљас од 13 септември 1995 година и Заедничката македонско-бугарска декларација Љупчо Горгиевски – Иван Костов од 22 февруари 1999 година, и Договорот Зоран Заев – Бојко Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Никола Димитров – Никос Коѕијас од 17 јуни 2018 година, сите беа со намера Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја или да се редефинира како држава на национални малцинства, како Швајцарија на Балканот, како земја на делови од народите на соседните држави – потсетува Петров.
Според него, за цело време, карактеристични станале два процеса како антипод на демократијата: врховизмот како сервилност на определена номенклатура кон соседните метрополи и Тиранската платформа од 2016 година, како системска деформација – мандатот за состав на Влада не го дава Водно, туку Мала Речица.
– Ова доведе до организиран криминал и корупција и до суспензија на уставноправниот поредок поради злосторничко здружение помеѓу марионетската влада и судиите од сите судови на сите степени. По мандатот за состав на Влада од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, и покрај посебната изјава што ја даде Зоран Заев пред претседателската резиденција на 17 мај 2017 година, Заев рече дека СДС не е повеќе македонска партија. Го надополни својот гуру Љубомир Фрчкоски дека СДС е најголема албанска партија во Македонија. И почна разградувањето на државната и на јавната администрација, таму каде што Македонец не е министер или директор, Македонците да бидат сè помалку и помалку, бегајќи од мајоризација на малцинствата, се доведовме до невозможното – апартхејд на малцинството врз мнозинството. А, сето тоа ја дерогира државноста. Корупцијата стана начин на опстанок, поради тоа и галопирачката емиграција што ја празни државата. За догледно време, Македонија ќе нема кадри за просто администрирање на територијата. Актуелната марионетска влада, се разбира, не може да се справи со организираниот криминал, бидејќи таа е генератор на високата корупција. Затоа, потребни се итни и безусловни вонредни парламентарни избори. И, секако, итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев – Борисов и Спогодбата Димитров – Коѕијас, односно итно и безусловно еднострано распуштње на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја. Да, на Македонија ѝ се потребни добрососедски односи, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи: заедничко разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи – вели Петров.
Македонија, додава тој, мора да го продолжи членството во Обединетите нации под единственото државно име Македонија.
– Уставниот суд мора да го поништи Законот за употреба на јазиците и да се усогласи со заклучоците на Венецијанската комисија. Етничките квоти во вработувањето мора да се елиминираат и да важи правилото на мерит системот според квалитетот и знаењето! И, секако, треба да се почитува одлуката на референдумот одржан на 30 септември 2018 година, околу две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласаа „за членство во Европската Унија и во НАТО- алијансата“ и ја отфрлија Спогодбата Димитров – Коѕијас за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ! Ако државниот суверенитет е неделив, неотуѓив и непренослив, произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, кои ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници и на референдум, тогаш секоја власт мора да ја почитува волјата на македонскиот народ, на граѓаните на државата Македонија! Затоа, никогаш „северна“ како времена состојба, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Честит и за навек 8 Септември – Денот на независноста на државата Македонија! – порачува претседателот на Светскиот македонски конгрес, Петров.
(И.С.)