Во рамките на новата изборна програма, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека работната недела ќе се скрати на 35 часа во три сектори, со цел да се зголеми продуктивноста и да се создадат нови работни места. Оваа промена, која се очекува да стапи на сила доколку СДСМ и коалицијата останат на власт, не предвидува намалување на платите за работниците. Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека најавите за скратена работна недела се самозалажување на народот и потсетуваат дека истата оваа Влада пред една година предлагаше 72-часовна работна недела.
-Да не даваат паушални и популистички изјави затоа што истата таа Влада минатата година предложи 72-часовна работна недела. Ако сакаа да ја скратат работната недела, зошто не го направеа тоа додека беа на власт. ССМ сè уште стои на барањето работната недела да се скрати на 36 часа, односно петок да се работи само 4 часа, со тоа што работниците ќе бидат попродуктивни и помотивирани. Овој наш предлог не беше прифатен, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на Сојуз на синдикати на Македонија.
Сепак, тој смета дека во Македонија не може да функционира скратена работна недела од 35 часа, бидејќи на работодавците од приватниот сектор и 40 часа им се малку. Тие сакаат работниците да работат 48, а да им платат само 40 часа.
И бизнисот смета дека најавата за скратена работна недела е само предизборен маркетинг и додаваат дека во ваква ситуација кога кубуриме со кадар, ова е невозможно.
-Нам ни фалат часови, а не пак да ја кратиме работната недела. Никој не е подготвен да се намалат работните часови, а да се задржат платите. Тоа може да се примени во државната администрација, но не и во приватниот сектор. Приходите на компаниите директно зависат од оствареното производство, а тоа, пак, од работните часови. Што значи, ако се работи помалку, ќе се земе и помала плата, но тоа не е во интерес на работниците. Ние не можеме да се рамниме со европските држави, кои остваруваат најголем дел од приходите од услуги. Во држави како нашата, каде што доминира преработувачката индустрија со високо учество на работната сила, ова е невозможно, изјави за ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Според него, оваа идеја може да се реализира во услужните дејности, бидејќи, како што вели, приходите од каматите на банката нема да се намалат ако работи банката четири дена. Но, во производство тоа не е така.
Битиќи смета дека 7-часовен работен ден може да се воведе во најмалку три сектори од 1 јануари 2025 година.
-Сè уште анализата не е финална во кои сектори. Тоа што го кажуваме е дека од 1 јануари 2025 најмалку во три сектори ќе го аплицираме за да видиме кои се начините на спроведување. Тоа е веќе практика насекаде низ ЕУ, но веќе е и барање од двете страни и од работниците како такво, затоа што е мерка за зголемување на продуктивност, а од друга страна е за подобрување и на животниот стандард и квалитетот на живот на сите кои живеат во државата, рече Битиќи.
Во светот, работодавците имаат проблем да најдат работници дури и кога ги зголемуваат платите и нудат стимулации. Така што немаат проблем со тоа да се намали работното време, а платата да остане иста само за да ги задржат работниците.
(А.С.)