ТЕ-ТО на врвот на најголеми должници кон УЈП

88

Долгот кон УЈП изнесува 471 милион денари. Ова укажува дека државата има проблем да ја наплати давачката од оваа компанија која деновиве е во интересот на јавноста по наводите, најпрво од „Топлификација“ која има побарување од ТЕ-ТО од 33 милиони евра за наводен криминал со доделувањето на државната помош на гасната централа. Од ТЕ-ТО бараат да се остават надлежните институции без притисок да ја завршат својата работа

 

Гасната централа ТЕ-ТО е на врвот на листата на најголеми должници кон Управата за јавни приходи (УЈП). Така, од Управата информираат дека ТЕ-ТО до 31.10.2019 има доспеан, односно до 31.1.2020 неплатен долг во висина од 470.966.599 денари (7,65 милиони евра).

Ова укажува дека државата има проблем да ја наплати давачката од оваа компанија која деновиве е во интересот на јавноста по наводите, најпрво од „Топлификација“ која има побарување од ТЕ-ТО од 33 милиони евра за наводен криминал со доделувањето на државната помош на гасната централа. А потоа и по изјавите на дополнителната министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев дека има основи за сомневање за сторен криминал, злоупотреба на државни пари и индиции за нерегуларности при постапка за доделување на државна помош.  

Од ТЕ-ТО преку соопштение ги демантираат наводите на Чулев.

– ТЕ-ТО достави целосна документација до сите надлежни институции со која се докажува дека ТЕ-ТО работи согласно закон и ниту еден законски пропис не е прекршен. Еднострано прикажаните информации од Топлификација пред МВР не докажуваат дека во ТЕ-ТО има криминал, туку, токму напротив, тоа се лаги и манипулации со цел постигнување на незаконски интереси на менаџментот на „Топлификација“ – велат од ТЕ-ТО.

Оттаму појаснуваат дека кривичната пријава дека ТЕ-ТО перело пари е отфрлена од Обвинителството за организиран криминал уште во декември 2019 година.

– Обвинувањето од „Топлификација“ за лажен стечај е целосно неиздржано. Постапката за реорганизација на ТЕ-ТО е спроведена целосно согласно законските прописи. Тоа е потврдено со решението на Основен суд Скопје 2 Скопје и решението на Апелациониот суд со кои се усвојува планот за реорганизација на компанијата, а во кој процес „Топлификација“ ги даде истите забелешки кои ги наведе и во кривичната пријава против ТЕ-ТО, појаснуваат од гасната централа.

Сепак, нагласуваме дека целокупната документација поврзана со стечајот и реорганизација на ТЕ-ТО ја анализирале врвни експерти од областа на правото кои изработиле правно мислење со кое се потврдува дека ТЕ-ТО во целост постапувало согласно закон.

– Поради тоа, бараме да се престане со злоупотребата на ТЕ-ТО во политички цели во предизборен период и да се остават надлежните институции без притисок да ја завршат својата работа, истакнуваат од ТЕ-ТО.

(С.Бл.)