Техничка документација за 13 проекти за побрз и поквалитетен локален развој

25

Десет општини и три центри за развој на планските региони ќе добијат сеопфатна и квалитетна техничка документација за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти, кои имаат клучно значење за подобрување на условите за живот на граѓаните. Тие ги потпишаа договорите за финансирање техничка документација на проекти кои опфаќаат реконструкција на патна инфраструктура и училишта, подобрување на сообраќајните услови, изградба на пешачки и велосипедски патеки, поставување фотоволтаични системи итн.

Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов истакна дека по потпишувањето на договорите, најголем предизвик е да се зајакнат капацитетите за подготовка на квалитетни проекти кои што се финансираат од буџетот на државата, но и проекти кои што ќе ги исполнуваат сите стандарди за финансирање од други извори како што се Европската Унија или Светска банка.

– Пристапот до квалитетни средства е условен од капацитетноста на општините и на центрите за развој за подготовка на проектна и техничка документација, врз основа на пропишани стандарди.  Со 1,5 милиони долари, Фондот за техничка документација во оваа фаза обезбедува градење капацитети преку директна експертска поддршка, но и  финансиски средства за подготовка на техничката документација, што е од голема помош и за општините и за центрите за развој – порача Пенов. 

Фондот за техничка документација е компонента на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го имплементира УНДП со финансиска поддршка на Шведска и Бирото за регионален развој.

– Овие технички документации се основа за имплементација на инфраструктурни проекти кои обезбедуваат видливи придобивки за локалните жители, придонесуваат за раст на националниот БДП и ја унапредуваат родовата еднаквост на локално ниво. Дополнително, Фондот за техничка документација служи како уникатен инструмент за спроведување приоритетни локални проекти, избрани од граѓаните преку процес на интегрирано планирање и форуми во заедницата – рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

– Овој исклучително важен и навремен потфат треба дополнително да ги зголеми капацитетите на општините за да можат да ги идентификуваат нивните развојни потреби и приоритети, како и да креираат стратегии за надминување на главните предизвици за локална економија и социјален развој – изјави Микаел Атерог, Раководител на одделот за развојна соработка во Сида.

Овие 13 проекти беа избрани на првиот од вкупно три планирани јавни повици во рамки на Фондот за техничка документација, преку кои ќе се обезбедат 10 големи и 20 мали грантови за општини и регионални центри, во вкупна вредност од 1,6 милиони долари. Овој инструмент во иднина ќе го преземе Бирото за регинален развој, кое е еден од партнерите во имплементацијата на проектот.

– Бирото ќе работи на зајакнување на внатрешните организациски капацитети и човечки ресурси, со цел да овозможи соодветна поддршка на општините и центрите низ клучните фази на развој и спроведување инфраструктурни проекти на локално ниво. Нашиот фокус ќе биде онаму каде што е неопходна најголема поддршка односно на помалите, руралните и помалку развиените општини иако ниту една општина нема да биде исклучена од процесот – истакна Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој. 

Во првата фаза на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ се изработи техничка документација за 56 проекти за комунална, транспортна и деловна инфраструктура во општините, како и проекти за реновирање и подобрување на енергетската ефикасност на девет болници. Проектот е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска.