Телото за помирување нема да влијае врз правосудниот систем

48

Не смее да се преминат црвените линии за настаните од 27 април, организаторите и насилниците нема да бидат дел од предвиденото помирување. Не ни паѓа на памет да влијаеме врз правосудниот систем, изјави премиерот Зоран Заев, кој потенцираше дека најавениот закон за амнестија нема да ги опфати директните учесници и организаторите на насилството на 27 април.

– Покажавме политичка волја дека сме подготвени за еден ваков чекор. Мора да се направи дистинкција помеѓу оние кои учествувале во настаните од 27 април додаде премиерот.

Тој додаде дека работата во собраниското тело треба да се остави на правните тимови кои под раководство на посебни групи кои претходно беа формирани во собраниското тело, ќе ги направат следните чекори.

– Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер, но црвените линии не смеат да се поминуваат, што е многу важно за да не ни падне на памет да влијаеме врз правосудниот систем. Реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ – изјави Заев.

Според него, треба да се разграничи што е насилство, организација и осмислување, а што е учество во толпа.
-Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Пораката на помирување и подавање рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои, рече Заев.

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и копретседавач со собраниското тело рече дека дебатата во групата била конструктивна и биле формирани трите групи кои ќе се фокусираат на интеграцијата на Македонија, реформите и помирувањето.
„Овие три процеси се поврзани со интеграцијата, реформите и помирувањето и знаеме дека еден без друг нема да го дадат конечното решение, а тоа е да застанеме на вистинскиот пат и еднаш засекогаш како свесни граѓани и политичари мора да дадеме шанса за нашата држава да се движи напред“, порача Александрова.

Потпретседателката на Собранието и копретседавач со координативното тело, Фросина Ременски посочи дека примарниот дух на дебата која се води во групата се стратешките интереси на Македонија.

„Важно е сите ние кои учествуваме и претставуваме политички партии во интерпатиската парламентарна група имаме јасно изразен консензус дека патот на Република Македонија кон помирувањето и релаксирањето на општествено-политичката реторика мора да почне од Собранието за да може да рефлектира позитивна атмосфера за процесите кои ќе обезбедат иднина на Република Македонија“, истакна Ременски.

Нов состанок на собраниското тело е најавен во вторник. Членовите треба да се состанат и да ги разгледаат своите области на делување и да излезат со предлози. Според најавите, законот за амнестија кој треба да дојде на предлог на собраниското тело за помирување во собраниска процедура треба да влезе до средината на декември. Дел од медиумите пренесуваат дека подготовката на овој документ е пред самиот крај, а правниот тим интензивно работи на усогласување на неговата содржина, пред да бидат изршени пошироки консултации со стручната јавност.