Телефонскиот повик на Перез се уништи!

92

Контроверзната победа на Реал (М) во првенствениот дуел против Атлетик од Билбао (0:1), подигна голема прашина во Шпанија. Се погласно е незадоволството на раководните лица на Барселона кои тврдат дека судиската организација му дава ветер во грб на „кралскиот клуб“ во борбата за шампионската титула.

Во 73 минута капитенот на Реал (М), Серхио Рамос, успешно го изведе ударот од белата точка откако главниот судија Гонзалес, доби сигнал од ВАР собата дека имало прекршок врз Марсело од страна на Дани Гарсија. Сепак, две минути подоцна имаше спорна ситуација и на спротивната страна. Серхио Рамос го згазна Раул Гарсија во казнениот простор, но никој не се јави од ВАР-собата.

  • Не е возможно да се победи Реал (М) затоа што ВАР повторно му даде ветер во грб кон шампионската титула, пишува каталонскиот весник „Спорт“.

И првиот човек на Барселона, Жозеш Марија Бартомеу, смета дека Реал (М) е единствениот клуб кој има корист од ВАР технологијата. Изјавата на Бартомеу колку-толку ја подржа и првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас, кој призна дека има се повеќе и повеќе контроверзии поради ВАР-технологијата и откри дека судискиот критериум бил променет после телефонскиот повика на првиот човек на Реал (М), Флорентино Перез.

  • ВАР технологијата мора да се подобри. Каква ќе биде користа од ВАР ако има толку многу коментари после натпреварите. Во Шпанија се околу ВАР се промени откако Флорентино Перез телефонски го побара Луис Рубиалес за да му се пожали од судењето.Тоа го направи после еден првенствен натпревар на Реал (М). Тоа е скандалозно, нешто неприфатливо и станува збор за директен притисок врз судиите и судењето. Тој телефонски повик промени се, се уништи, направен е непотребен притисок и сега имаме несогласување помеѓу судиите во ВАР собата и судијата на зелениот терен, изјави Тебас.

Првиот човек на Ла Лига додаде дека поради таквиот потег на Перез сега има заострен однос помеѓу судиите.

  • Ако некој моќен клуб како Реал (М) може телефонски да го побара главниот судија 20 минути после одигрувањето на натпреварот, истото мора да се смета како нешто неприфатливо за судиската организација. Тоа само ги заострува односите помеѓу судиите. Ние сакаме да го елиминираме контактот помеѓу клупските челници и судиите. Нормално, се тргна на лошо откако откривме дека имало телефонски разговор помеѓу судијата и претседателот на Реал (М), додаде Тебас.